Украинско МНР: Киев и Вашингтон работат на техничките детали на американската воена помош
Украински и американски тимови работат на разјаснување на техничките детали за испораките на обновената американска воена помош по нивното привремено прекинување, објави Укринформ, повикувајќи се на изјава на портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи, Микола Тихи.
Тихи истакна дека во медиумите имало многу дискусии за „некои компоненти од пакетите за помош за оружје кои биле или ревидирани или одложени“, но во моментов, американската одбранбена поддршка за Украина продолжува.
-Благодарни сме на американската страна за јасните сигнали за продолжување и можноста за зајакнување на одбранбената поддршка за Украина. Ги гледаме овие сигнали и ги поздравуваме. Многу е важно што сега украинските и американските тимови работат на разјаснување на сите технички детали – кои од веќе доделените пакети се на пат и кога ќе пристигнат, рече Тихи.
Американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека САД ќе испратат повеќе оружје во Украина за да му помогнат на Киев против растечката руска офанзива.
Британските медиуми објавија дека Трамп ќе ги искористи своите претседателски овластувања за првпат откако се врати на власт, во јануари годинава, за да испрати пакет оружје во Украина.
Повеќе од три години откако Русија ја нападна соседната земја, администрацијата на Трамп ќе го пренасочи оружјето од американските резерви кон Украина, според планот на претседателот за вонредна испорака, изјавија официјални лица.
Еден од нив изјави дека вредноста на пакетот оружје може да биде околу 300 милиони долари, а во него може да се вклучени системи за ракетна одбрана „Патриот“ и ракети за напад со среден дострел.
Претходно во текот на денот, Трамп рече дека Вашингтон ќе испорача оружје на Украина преку НАТО.