Украинското дуо Ткаченко – Лопатински, Гала концерт и балетот Болеро на Националната опера и балет на „Охридско лето“

Десеттиот фестивалски ден на „Охридско лето“ носи две интересни содржини, концерт на украинското дуо Дима Ткаченко на виолина и Роман Лопатински на пијано, како и Гала концерт и премиерната изведба на балетскиот спектакл „Болеро“ на Националната опера и балет.

Концертот на украинското дуо е од 20 часот во катедралната црква „Света Софија“, додека настапот на уметниците од Македонската опера и балет е од 22 часот на сцената „Долни Сарај“.

Виолинистот Дима Ткаченко започнува да учи виолина и пијано пред да наполни шест години. Учел на Школата за музика „Лисенко“ во Киев, а дипломирал на Музичката Академија во Киев во класите на Богодар Которович и Јарослав Ривниак. Во 1998 година поканет е да студира во Лондон во школата „Гилхол“ со Ифрах Ниман каде во 2002 година е избран за стипендијант и до 2008 година работи со Кшиштов Смиетана и Давид Такено. Добитник е на највисоката награда на „Гилхол“- Диплома за концертен рецитал (Premier Prix), а носител е на награди и признанија од меѓународни натпревари како „Карл Нилсен“ во Данска, Натпреварот „Лисенко“ во Киев, и натпреварот за соло виолина „Вронски“ во Варшава.

Концертно настапува ширум Европа, Азија и Америка, во концертни сали како Вигмор Хол, Барбикан и Кадоган Хол во Лондон, Концертгебау во Амстердам, салата „Рој Томсон“ во Торонто, Филхармонијата во Келн, Големата сала на Московскиот Конзерваториум, салата „Лист“ во Будимпешта, Концертхаус во Берлин, Мегарон во Атина, Палатата на музиката во Барселона и Националниот аудиториум во Мадрид. Неодамнешните настапи со оркестар ги вклучуваат МАВ оркестарот во Будимпешта, Рускиот РТВ оркестар во Москва, Симфонискиот оркестар на Украина, Престедателскиот и оркестарот „Билкент“ во Анкара, Истанбулскиот симфониски оркестар, Кралскиот филхармониски оркестар во Лондон, Филхармонијата на Краков, Симфонискиот оркестар на Чиле, Атинскиот државен оркестар, оркестарот во Астана и др. Концертните турнеи го носат во Шпанија и Германија, а рецитално настапува во В. Британија, Украина, Франција, Јапонија, Сингапур, САД, Италија, Литванија, Унгарија и Полска. Настапува како солист со Националниот симфониски оркестар на Украина при нивната турнеја во САД.

Дима Ткаченко предава на Музичката академија во Украина, одржува мајсторски курсеви во Јапонија, Кореја, Сингапур, Кина, Турција, Малта, Полска и Литванија, и е член на жири на повеќе меѓународни натпревари. Еден од основачите е на интернационалниот натпревар „Бенџамин Бритн“ во Лондон и е уметнички директор на меѓународниот натпревар „Лисенко“ во Киев, Украина.

Роман Лопатински е роден во Киев во 1993 година, започнал да свири пијано на петгодишна возраст и само по три години веќе ја добива првата специјална награда. Во 2009 година започнува да учи со Борис Петрушански на Интернационалната академија „Incontri con il Maestro” во Италија, а истата година ги започнува студиите во класата на Сергеј Рабов на музичката академија „Чајковски“ во Украина.

Лопатински е лауреат на повеќе од 20 меѓународни натпревари како „Хамамацу“, „Бузони“ во Болцано и „В. Хоровиц“ во Киев, натпреварот „Лучано Лучиани“ во Косенца и „Руска музика за пијано“ во Сан Ремо. Во 2017 година бил член на Фестивалската академија во Хајделберг. Редовно настапува во светски познати концертни сали како салата „Гинза“ во Токио, Стенвеј хол во Њујорк, а дебитира и во двете најпрестижни сали во Австрија „Музикферајн“ и Концертхаус. Настапува и на признати фестивали меѓу кои Интернатционалниот пијано фестивал Мариниски во Санкт Петербург, Фестивалот во Бад Рагаз во Швајцарија, фествалот „Пролет во Хајделберг“ и многу други, а соработува со националниот симфониски оркестар и филхармонијата во Украина, со Симфонискиот оркестар во Токио, Оркестарот на германското радио во Сарбрукен, оркестарот на Арена ди Верона, и оркестарот на театарот во Болоња.

Музичката вечер на „Охридско лето“ после концертот продолжува на големата сцена кај „Долни Сарај“ каде уметниците од Националната опера и балет на фестивалската публика ќе и понудат несекојдневно доживување со голем Гала концерт со настап на солистите Сандра Митровска – сопран, Катерина Стојановска – сопран, Ѓорѓи Цуцковски – тенор и Владимир Саздовски – бас, во придружба на орекестарот на НОБ под диригентста управа на Бисера Чадловска.

Веднаш потоа следува премиерната изведба на балетскиот спектакл „Болеро“ на Морис Равел во изполнение на Женскиот балетски ансамбл при НОБ.

Во најавата за вечерашниот спектакл на фестивалската програма на „Охридско лето“ стои дека танцот е прослава на животот, танцот е уметност на простор и време, едно бесконечно патување,една форма на медитација која живее низ векови.

„Танцот е аранжман или патерн во простор и време,исто како и музиката,и привлекува временски ритам,како и музиката. Танцот носи ритам и во двете сфери-звучен и визуелен.Танцот е уметност во временскиот простор и како таква е единствена. Музиката мора да биде поврзана со движењето,магнетни сили кои обединуваат групи,а силите на ритамот го носат телото низ просторот. Имајќи ги овие овие цитати како референца за делото,темата со која се занимаваме е многу комплицирана и ограничена,но сепак ни дава една слобода на изразување. Имајќи ја оваа идеја,ги гледам играчите како музички ноти кои патуваат низ времето и просторот,музиката е основата,а телото е инструментот.Како што сликарот ја користи четката на платно,скулпторот ги користи своите раце или писателот користејќи ги празните страници,пополнувајќи ги со секоја буква.Танцот ги поврзува уметноста и културата,што ги обединува сите нации низ целиот свет. Танцот е универзален јазик“, стои во најавата на вечерашниот музичко-сценски спектакл.

Back to top button
Close