Уметноста на слушањето клиенти (и џез)

Крсте Роџевски за практикување терапија во џез-клубот Слагз’

Во Ист Вилиџ на Менхетн постоел темен џез-клуб наречен Slugs’ Saloon (Салунот на полжавот), или официјално – Slugs’ на Фар Ист. Во ова легендарно место, од 1964 до 1972 година, се создавал влијателен слободен џез. Тоа била сцена на која често свиреле мајстори како Алберт Ајлер, Арчи Шеп, Сан Ра, Орнет Колман, Чарлс Мингус; место на злосторството каде генијалниот трубач Ли Морган бил застрелан и убиен од неговата девојка; клуб што Мајлс Дејвис го посетувал за да ги дознае новитетите на музичката сцена од центарот на градот; место посетувано и од Салвадор Дали, кој држејќи свеќник, ги испитувал сликите од локалните уметници.

Луѓето биле згужвани во овој зачаден музички простор каде што концептуални разговори и бучни расправии се мешале со силната брзини или наивната лирика кои патувале низ клубот, а поаѓале од крајот од собата. Клавирот бил малку раштиман, а тапаните често уништувани за време на импровизациите. Според кажувањата на една поранешна шанкерка, имало згодна млада келнерка што често се движела наоколу, и додека служела носела околу вратот змија.

Од надворешната страна, пак, дилерите од Лоуер Ист Сајд ги снабдувале локалците, кои се труделе да не бидат ограбени на патот од таксито кон влезот на клубот. Картони од млеко полни со вода често биле фрлани од соседите од повисоките катови и некогаш слетувале право врз луѓето што се собирале пред зградата.

Крсте Роџевски, автор на текстот

Многу од албумите што биле снимани во живо во Slugs’ биле објавени низ годините од престижни издавачки куќи, а биле пишувани и многу статии за историјата и културното наследство на клубот.

За време на пандемиските карантини, во потрага по место каде што ќе можам да практикувам телепсихијатрија, со желба тоа да биде тивко и затаено собиче близу мојот апартман, изнајмувив мало студио, кое некогаш било познато како задниот дел на Slugs’.

И ете, бев таму – во клубот.

Си ја поставив телелекарската станица, а во ќошот ги сместив грамофонот и дел од мојата винил колекција, само неколку метри оддалечени од некогашната сцена.

Тоа беше необична ситуација. Преку ден ги слушав приказните на пациентите, а навечер плочите што биле создавани и снимани во истата просторија пред помалку од половина век. Пред воопшто да сфатам, почнав да практикувам сличен клинички пристап врз слушањето музика, со исто ниво на концентрација и техника како психотерапевтска сесија.

Дозволете да објаснам што мислам. Во разговорна терапија постојат три начини на комуникација:

Вербална – видлива низ јазикот на личноста: избор на зборови, структура на реченица, ритам, присуство или недостиг на агенс во приказната, испуштања зборови, итн.

Невербална – комуникација преку положбата на телото, гестикулации, молк, точност, итн.

Контратрансфер – реакцијата што ја има терапевтот на несвесната насоченост на емоциите или желбите на пациентот кон него/неа.

Контратрансферот може да биде усогласен – кога терапевтот сочувствува или се идентификува со позицијата или емоциите на пациентот (емпатија) или може да биде комплементарен – кога терапевтот не се идентификува со пациентот туку со она што пациентот несвесно посакува терапевтот да чувствува или да биде во тој миг – родител, стар непријател, другар, партнер, итн.

Додека земаат белешки, психоаналитичарите обично ги запишуваат сопствените чувства за време на сесијата, бидејќи емоциите на пациентот може да не се совпаднат со приказната што ја раскажува или, пак, со емоцијата што ја доживува терапевтот кога слуша. На пример, некогаш терапевтот чувствува тага кога слуша приказна што пациентот ја раскажува со насмевка. Промената од комплементарност до усогласеност – од чувствување што пациентот сака терапевтот да доживее до она што пациентот навистина е или чувствува – е обично знак дека има добар терапевтски исход. Тоа може да биде знак дека пациентот омекнал и ги тргнал механизмите за одбрана, дека помалку проектира и дека конечно може да го прифати тоа што го носи со себе, па терапевтот не работи веќе со проекции и не е присилен да биде портпарол за внатрешните конфликти на пациентот.

Психоаналитичната психотерапија е уметност на слушањето. Во терапијата, како и во музиката, ние работиме низ тишини, синкопи и мелодии зад наративите.

Пред повеќе од година, задлабочено слушав стотина плочи од слободен џез – стари плочи од ерата на Slugs’ и нови плочи направени во последните три декади, слушајќи ги сите наизменично по случаен редослед. Додека ги слушав старите, во поголемиот број случаи, слушав и чувствував сирова и длабоко лична музика за животот и преживувањето, исполнета со хумор и игривост, разорен гнев и полнодушна радост, копнеж меѓу редовите, како и љубов што се одликува со наивност и незаштитена чистост. Некој остроумно го имаше опишано Ајлеровиот звук како плач на дете од гетото што добива ќотек. Тоа не беше сиров звук туку нијансирана емоција вткаена во сеопфатно раскажување. Тоа беше како основните психолошки пориви, потреби, емоции и имплуси некако да се филтрирале и да се преобразиле во самиот звук. Тоа беше возбудлив звук што дарува, без потреба од трансакција или повратна реплика. Тоа беше усогласено искуство во кое можев да ги запознаам емотивните контексти на музиката без притисокот да бидам или да чувствувам нешто за другиот – како тоа да не им беше потребно ниту на музичарите ниту на звукот.

Од друга страна, пак, звукот на плочите од последните декади – на пример Тим Берн, Мет Мичел, Џонатан Финлајсон, итн. – поголемиот дел од времето ми поттикнуваа чувство на сведочење итност; на нешто пофорсирано и превклучено; солипсистичко, но сепак жедно за внимание. Како музиката да бараше некоја вид трансакција во која мораш да ја прегрнеш, заштитиш или одбиеш. Мојот впечаток беше дека таа не може да постои независно и туку-така. Кога ја слушав, доживував комплементарен контратрансфер во кој музиката сакаше да се идентификувам или да станам личноста/улогата во изведбата – некој што може да ја валидира, да ја спаси или да ја одбие. На моменти чувствував дека беше речиси манипулативна – потајно грандиозна или како да се претставува низ некое лажно чувство на страдање.

Да разјасниме – новите плочи имаа восхитувачки композиции и перформанси, еднакво добри како старите, ако не и подобри во некои случаи. Тие беа безгрешно свирени, дури со класично ниво на прецизност, уникатно сложувани, често со амалгами на жанрови и умо-свртувачки деконструкции, на мигови разградувајќи ја структурата на мелодијата и одново градејќи ја со неизмерна способност и гениј. Тие исто така имаа и воодушевувачка продукција.

Се прашав што се случило и од каде потекнува ова? Дали тоа можеби беше мое идеализирање на минато што никогаш не постоело, романтизирање на сиромаштијата и траумата, или само фетишизирање на сиров и лошо произведен звук? Можев само да претпоставувам дека тој олдскул музичарски живот дефиниран од нелегални запоседнувања на тавани, зависности, комплицирани семејни односи, расизам, регрутирања за војни и искуства на поствоени армиски бендови е директно врзан со создавање уникатен звук. Создавање низ бестрашност, цврста идеја за себе и психолошка отпорност што доаѓа од работењето со траумата, а не станување едно со неа. Голема е веројатноста дека способностите за раскажување и пристапувањето до емоции без да ги разделиш на добри или лоши, или љубов или омраза; и да ги интегрираш и да ги ставиш под ист покрив во една иста композиција, доаѓаат од тој темел.

Многу од музичарите од новата генерација исто така имале слични ограничувања – трауматски искуства и нетрауматски неуспеси, финансиски проблеми и проблеми со менталното здравје, како и изложеност на расизам и сексизам. Истовремено, можеби академската вклученост во слободниот џез го направила звукот попрограмски, ограничен и сув. Можеби појавата на безбедносна мрежа, која сè уште може да те фати кога ќе паднеш, ѝ овозможува на музиката да полета, но не и да лета. Можеби квалитетот на организирана детска игра на интеракциите и перформансите го прави џезот позависен. Или можеби зачините на привилегија, опортунизам и конформизам играат улога. Можеби. Не знам. Сум ја дискутирал темата со многу градски музичари, критичари и обожаватели во последниве декади.

На крајот, иако екстремно субјективен и прегенерализиран, овој псевдоклинички пристап на слушање музички композиции на уникатен начин во уникатни околности ми помогна да го искусам звукот на различни начини. Психоаналитичката психотерапија е уметност на слушањето. Во терапијата, како и во музика, работиме низ тишини, синкопи и мелодии зад наративите. Ние ги интерпретираме одбраните зад неавтентичноста и се стремиме да стасаме до автентична емоција, и преку кодата на интеграција во концептите на себство на нараторот, да стасаме до звукот на отпорот.

Крсте Роџевски

Извор: Tap Magazine

Превод: Филипа Сара Попова

 

Back to top button
Close