Уметноста продолжува да го крши мразот меѓу Скопје и Софија: Државната опера од Пловдив в петок гостува во НОБ
По успешниот настап на Националната опера и балет во бугарскиот град Пловдив на 7 февруари со балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“, Државната опера од Пловдив в петок ќе се претстави пред македонската публика во Националната опера и блате (НОБ) со балетските едночинки „Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол“, соопшти НОБ.
Гостувањето на НОБ во Пловдив и најавениот настап на нивните колеги в петок се случуваат во време на зголемени тензии меѓу двете држави, кои особено се заострија по нападот врз секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, Христијан Пендиков, чествувањето на роденденот на Гоце Делчев на 4 февруари и каменувањето на македонскиот клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград.
Како што се наведува во денешното соопштение од НОБ, балетските едночинки „Долгата божиќна вечера“ и „Жени во Д-мол“ се од меѓународно признатиот водечки современ кореограф Раду Поклитару. „Долгата божиќна вечера“ e според истоимената драма на Торнтон Вајлдер и музика на Вивалди, а „Жени во Д-мол“ од Бах, е инспирирана од „Куќата на Бернарда Алба“ од Лорка.
Сценограф на балетските точки е Андреј Злобин, костимограф е Дмитро Курјата, а светло-дизајнот е Лена Антохина.
Раду Поклитару е основач и главен кореограф на Киевскиот академски театар за модерен балет, почесен уметник на културата на Украина, Народен уметник на Молдавија, добитник на бројни европски меѓународни награди, професор на Катедрата за модерна кореографија на Националниот универзитет за култура и уметности во Киев. Покрај десетици претстави во Киевскиот модерен балет, низ годините поставува балетски продукции во театарот Бољшој, театарот Марински, Националните опери на Украина, Молдавија, Латвија, Белорусија, Чешка, Србија итн. Раду Поклитару од почетокот на годинава е дел од тимот на Државната Опера Пловдив
За „Жени во Д-Мол“ се посочува дека е изведба проткаена со почит кон генијалноста на Јохан Себастијан Бах. Раду Поклитару, велат од НОБ раскажува трагична приказна за непостоечко женско пријателство, кое служи само како изговор за расплетот на невообичаено сложени повеќефигурни композиции и продорни дуетни фрагменти.
Пред десетина дена пловдивската публика со долготраен аплауз ја поздрави изведбата на Националната опера и балет (НОБ) на Северна Македонија на балетската претстава „Госпоѓиците од Авињон“.