Унгарија го прекрши правото на ЕУ со гласањето против прекласификацијата на канабисот, оцени европскиот омбудсман Медина
Со гласањето на седницата на Комисијата за наркотични дроги на ОН спротивно на ставот на Европската Унија, утврден со одлука на Советот на ЕУ, за прекласификација на канабисот и супстанциите од канабис, Унгарија го прекрши европското правото, заклучи јавната правобранителка на Европскиот суд на правдата, Лајла Медина.
Ставот на Медина е изнесен врз основа на прекршочната постапка што Европската комисија ја покрена против Унгарија пред Европскиот суд на правдата. Според ЕК, Унгарија „не ги исполнила своите обврски според Одлуката на Советот на ЕУ и ги прекршила ексклузивната надлежност на Унијата за надворешната политика и принципот на искрена соработка“.
Според Медина, тужбата на ЕК против Унгарија е основана и Судот на правдата треба да се произнесе околу потенцијалните влијанија од ваквата постапка врз единствената надворешна политика на Европската Унија, независно што гласањето веќе завршило и не може ништо да се промени.
– Непочитување на Одлука на Советот на ЕУ може да го доведе во прашање единството и конзистентноста на надворешната политика на Европската Унија и ја поткопува вредноста на владеењето на правото содржана во Членот 2 од Договорот на ЕУ. Со намерното непочитување, Унгарија не ги исполни своите обврски според Одлуката на Советот, заклучи Медина.
Врз основа на ваквиот заклучок, Медина му предлага на Европскиот суд на правдата да пресуди дека Унгарија не ги исполнила нејзините обврски според Одлуката на Советот на ЕУ, како и дека ги прекршила ексклузивната надлежност на Унијата во надворешната политика и принципот на искрена соработка.
Станува збор за гласањето по одлуката на Комисијата за наркотични дроги на ОН со која на канабисот и супстанциите од канабис им беше призната медицинска вредност, став што го поддржа ЕУ.
Јавните правобранители се високи функционери на Европскиот суд на правдата, кои учествуваат во судските спорови и може да ги испрашуваат странките, по што изготвуваат своето мислење за случајот, без кое Трибуналот не може да ја почне судската постапка. Мислењата на јавните правобранители не се обврзувачки за Европскиот суд на правдата, ниту за судовите во земјите членки на ЕУ, но тие често се земаат предвид и имаат влијание врз конечните пресуди.