Унгарија и Словачка ги блокираат санкциите на ЕУ против Грузија

Унгарија и Словачка ги блокираат плановите на ЕУ да ја санкционира Грузија поради насилство врз проевропските демонстранти и лидери на опозицијата, јавува утринава германската новинска агенција ДПА.

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто во понеделникот ја оправда одлуката на неговата земја по состанокот на ЕУ во Брисел, тврдејќи дека Унијата е на страната на демонстрантите и дека Грузија е цел само затоа што на изборите победила патриотска и конзервативна партија, наместо либералните сили.

Планот на ЕУ беше да воведе забрана за влез во ЕУ на неколку функционери одговорни за полициско насилство и замрзнување на имотот што може да се наоѓа во ЕУ. Меѓутоа, сега тоа не успеа.

Сепак, на маса сè уште постои план за укинување на безвизниот режим за Грузијците со дипломатски пасоши или лица кои работат за владата во странство. Планот е да се предложи на крајот на годината, изјави високиот европски комесар за надворешна политика и безбедност Каја Калас. За тоа би било доволно само мнозинството гласови на земјите-членки, а не едногласна согласност како во случајот со санкциите.

Огромното мнозинство од членките на ЕУ веруваат дека грузиските власти неодамна користеа незаконско насилство и произволни апсења против демонстрантите и лидерите на опозицијата.

Противставувањето на Унгарија и Словачка на санкциите дојде откако Литванија најави проширување на санкциите на уште 17 лица кои ги смета за одговорни за насилството, а претходно истото го направи и Естонија.

Back to top button
Close