Унгарија повторно ги блокира санкциите за Русија, овојпат поради патријархот Кирил

Унгарија повторно бара промена на новиот пакет санкции на ЕУ кон Русија. Овојпат, Будимпешта бара од листата да се отстрани поглаварот на Руската православна црква, Кирил.

   

epa09784321 Hungary’s Prime Minister Viktor Orban at the start of an Extraordinary virtual summit of NATO Heads of State and Government on the security situation in and around Ukraine at the NATO headquarters in Brussels, Belgium, 25 February 2022. EPA-EFE/STEPHANIE LECOCQ

Унгарија во средата повторно ги блокираше ЕУ-санкциите против Русија поради агресијата врз Украина и покрај тоа што во понеделникот беше постигнат прелиминарен договор на самитот на 27-те земји членки.

Европската комисија предложи на листата на санкционирани поединци да се најде и поглаварот на Руската православна црква (РПЦ), Кирил. Тој се смета за поддржувач на рускиот претседател Владимир Путин, и досега отворено ја поддржуваше агресијата во своите проповеди, притоа за војната обвинувајќи ги НАТО и Западот. Кирил ги блокираше и напорите на Папата Франциско да посредува во конфликтот.

Russland | Präsident Putin und Patriarch Kirill Рускиот претседател Владимир Путин и поглаварот на РПЦ, Кирил

Унгарија имаше забелешки на вклучувањето на рускиот поглавар уште откако неговото име се најде на листата на ЕК на почетокот на мај, но лидерите на ЕУ не разговараа за тоа прашање за време на самитот на кој присуствуваше и унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Тоа е најновата во серијата пречки кои владата во Будимпешта ги постави во однос на шестиот пакет санкции кон Русија. Унгарија жестоко се спротивстави на желбата на Брисел да се ослободи од зависноста од руска нафта, и успеа да издејствува да биде изземена од забраната за увоз на руска нафта. Компромисот предвидува прекин на увозот на руска нафта по морски пат, но Унгарија, Словачка и Чешка ќе можат и понатаму да се снабдуваат преку нафтоводот Дружба.

Целиот пакет сега е повторно доведен во прашање, а дипломатски извори најавуваат дека ќе се бара решение за спорот на маргините на состанокот на ЕУ министрите во четврток во Луксембург.

Back to top button
Close