Унгарскиот парламент денеска гласа за забрана за собири на ЛГБТК
Пратениците во Унгарија денеска треба да гласаат за контроверзниот уставен амандман кој активистите за човекови права го опишаа како сериозна ескалација во напорите на владата да го задуши несогласувањето и дополнително да ги ограничи човековите права.
Амандманот, поддржан од премиерот Виктор Орбан и неговата десничарска популистичка партија Фидес, се обидува да ја внесе неодамнешната забрана за Прајд во уставот, дозволувајќи им на властите да користат софтвер за препознавање лица за да ги идентификуваат учесниците и потенцијално да ги казнат.
Според владата, амандманот има за цел да го заштити физичкиот, менталниот и моралниот развој на децата, а во исто време уставно да се признае постоењето на само два пола, со што се отвора патот за отфрлање на родовите идентитети од страна на некои граѓани во Унгарија, пишува Гардијан.
Откако Орбан постојано тврдеше дека странци се мешаат во унгарската политика, уставниот амандман вклучува и можност за привремено суспендирање на унгарското државјанство за лицата со двојно државјанство за кои властите сметаат дека се закана за безбедноста или суверенитетот на земјата.
Унгарскиот Хелсиншки комитет, здружение за човекови права, го опиша амандманот како начин за легално ширење страв во земја-членка на ЕУ.
-Овие закони претставуваат сериозна ескалација во напорите на владата да го задуши несогласувањето, да ја ослабне заштитата на човековите права и да го зацврсти своето владеење, се вели во соопштението. Опозициската партија Моментум предупреди на сличности со ограничувањата во Русија.
Како Владимир Путин, Орбан се обидува да се прикаже себеси како бранител на традиционалните семејни вредности, воведувајќи мерки како што се забрана за посвојување деца од истополови парови и исклучување на ЛГБТК+ темите од училишните програми.
Моментум преку социјалните мрежи ги повика граѓаните да им се придружат во денешното блокирање на зградата на Собранието, во обид да го спречат гласањето на законот. „Да ги спречиме заедно да не тргнат по патот на Путин и да ни ја одземат слободата“, велат тие.
Уставниот амандман се очекува да биде усвоен речиси еден месец откако пратениците забрзано го следеа законот за забрана на јавните ЛГБТК+ настани. Оттогаш, илјадници луѓе протестираат на улиците, блокирајќи ги мостовите и главните патишта со пароли како „демократија“ и „собирот е основно право“.
Орбан и неговата влада тврдат дека нивната цел е да ги заштитат децата од она што тие го нарекуваат сексуална пропаганда, но аналитичарите посочуваат дека тоа е предизборна стратегија во која малцинството ЛГБТК+ се користи како жртвено јагне за мобилизирање на конзервативниот електорат.
По објавувањето на веста за забраната на Прајдот минатиот месец, 22 европски амбасади во Унгарија – меѓу кои британската, француската и германската – издадоа заедничка изјава во која изразија длабока загриженост дека законот може да доведе до ограничување на правото на мирно собирање и слободата на изразување.
Комесарот за еднаквост на ЕУ, Хаџа Лахбиб, исто така се огласи на социјалните мрежи.
-Секој треба да има право да биде тоа што е, да живее и да сака слободно. Правото на мирно собирање е фундаментално право што треба да биде заштитено во целата Европска унија. Ние стоиме со ЛГБТК заедницата, во Унгарија и сите земји-членки, рече таа.
Организаторите на Будимпешта Прајд, кој редовно собира десетици илјади луѓе, рекоа дека и покрај се, планираат овогодинешната парада да ја одржат на 28 јуни. „Ова не е заштита на децата, ова е фашизам“, рекоа минатиот месец.
Унгарскиот Хелсиншки комитет, Унгарската унија за граѓански слободи, Амнести интернешенел и здружението Хатер ја повикаа Европската комисија да покрене постапка против унгарската влада, тврдејќи дека последните измени го прекршуваат правото на Европската унија.
Во заедничко соопштение тие предупредија на сериозноста и итноста од последиците од усвоените измени, нагласувајќи дека тие целосно ќе ги истиснат ЛГБТК+ лицата од јавниот простор. Се верува дека оваа национална забрана е прва од ваков вид во поновата историја на ЕУ.
Здруженијата исто така посочија дека амандманот не се однесува само на ЛГБТК+ заедницата и нивните сојузници, туку дека е алатка за ширење страв кај секој што ќе се осмели да ја критикува владата. „Промените имаат широки последици кои ги засегаат основните права, далеку над прашањето на Прајд“, се вели во соопштението.