Унгарскиот парламент усвои пакет закони за деблокирање на европските фондови

Унгарскиот парламент усвои пакет закони чија цел е да овозможат ослободување на европски средства во вредност од милијарди евра за Будимпешта, кои беа замрзнати поради сомневања за корупција за време на претходната влада, пренесува ДПА.
За предлогот на владата на Петер Маѓар денеска гласаа 142 пратеници, 39 беа против, а тројца воздржани.
Во моментов Европската Унија задржува речиси 20 милијарди евра наменети за Унгарија поради наводни злоупотреби на европски средства за време на владата на Виктор Орбан.
Според обвинувањата, дел од европските средства преку различни шеми завршувале кај роднини на Орбан или кај нему блиски олигарси. Се тврди и дека дел од средствата биле насочувани за пропагандни цели.
Пакетот закони усвоен денеска предвидува, меѓу другото, построги правила за имотните листови што се должни да ги поднесуваат политичарите и високите државни функционери.
Дополнително, се предвидува укинување на таканаречените приватни фондации од јавен интерес, формирани за време на Орбан, преку кои значителни финансиски средства биле насочувани кон лица блиски до системот на поранешниот премиер.
Законите ќе опфатат и околу две третини од унгарските универзитети. Нивното управување беше доверено на управни одбори составени од лица лојални на претходната власт, меѓу кои и високи политичари и провладини олигарси.
Поради ризикот од корупција, Европската Унија ги исклучи овие универзитети од студентската програма за размена „Еразмус“ и од програмата за научноистражувачко финансирање „Хоризонт“, наведува ДПА.
Вчера Петер Маѓар на вонредна парламентарна седница, која завршува утре, изјави дека неговата влада ќе иницира разрешување на унгарскиот претседател Тамаш Суљок преку поднесување уставни измени.






