Унгарскиот парламент усвои предлог-резолуција со која се отфрла членството на Украина во ЕУ

Унгарскиот парламент денеска усвои нацрт-резолуција со која се отфрла членството на Украина во Европската унија.

 

Предложената резолуција ги отфрла напорите за трансформирање на Европската унија во воен сојуз, како и напорите што го загрозуваат суверенитетот на земјите-членки на ЕУ, објавува унгарскиот портал ATV.

 

Во усвоениот документ се наведува дека Унгарија се спротивставува на членството на Украина во ЕУ бидејќи оваа земја е во војна и нејзиното приклучување би ја направило Европската унија страна во војната, како и дека земјата не ги исполнува критериумите за членство во ЕУ, поради што се повикува унгарската Влада да не го поддржува почетокот на преговорите за пристапување на Украина и да не го поддржува членството на Украина во ЕУ.

 

Во резолуцијата се повикува владата во Будимпешта да стори сè што е можно за да ги поддржи меѓународните мировни напори, да не испраќа пари и оружје во Украина и да стори сè што е можно за да спречи Унгарија или Европската унија да се вклучат во руско-украинската војна.

 

Во документот се потсетува дека ЕУ од почетокот на војуната во Украина за оваа земја обезбедила 193,3 милијарди евра помош, што е речиси три пати повеќе од нето помошта од ЕУ што Унгарија ја добила од 2004 година, а се споменува и дека ЕУ – без Унгарија, Чешка и Словачка – ѝ обезбедила на Украина дополнителни 90 милијарди евра кредити во периодот 2026-2027 година, кои Украина ќе ги врати само ако се платат руските репарации по војната.

 

Се предупредува дека уделот на Украина во следниот седумгодишен буџет на ЕУ би можел да надмине 360 милијарди евра, а дека кохезионите фондови и земјоделските субвенции би биле намалени.

 

Усвоениот документ го поздравува барањето на владата за организирање референдум за понатамошно финансирање на војната во Украина и ја повикува владата да преземе сите потребни чекори за да спречи продолжување на европската политика на поддршка на Украина во војната, да спречи внесување на унгарски пари или средства од ЕУ што ѝ припаѓаат на Унгарија во Украина и да побара од владата да не прифати буџет што насочува значителен дел од поддршката што им припаѓа на унгарските земјоделци и економијата кон Украина.

 

Во резолуцијата, исто така, се повикува унгарската Влада да преземе мерки против напорите, кои се зголемуваат во ЕУ, за трансформирање на ЕУ во воен сојуз и да ја отфрли практиката на институциите на ЕУ насочени кон заобиколување на барањето за едногласно донесување одлуки

Back to top button
Close