Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 25 и 26 септември во посета на С Македонија
Запрашан за коментар на наводите дека Унгарија делува како параван на Кина во заемот од 500 милион евра за земјава, Муцунски одговори дека не видел кредибилни докази за ваквото тврдење и дека заемот е од земја членка на Европската Унија, која во мементов претседава со ЕУ.
На новинарска забелешка дека Унгарија е членка на ЕУ, но и земја која во моментов има замрзнати милијарди евра од фондовите на ЕУ и единствена земја во историјата на Унијата за која е покренат механизам за одземање на правото на глас во Советот на ЕУ поради проблемите со владеење на правото, Муцунски вели дека ќе соработуваат со сите – од Унгарија, до Австрија, Франција и Германија.
„Унгарија е земја чиј премиер редовно одржува билатерални средби со највисоките претставници на дел од земјите кои ги набројавте. Дури од нив е примен во нивните главни градови, со кои врши трговија, со кои има одлична дипломатска и економска соработка, така што ако сакаме да го гледаме низ призмата на одредени предизвици кои ги има, секогаш ќе има. Една земја членка нема да се согласува со друга, втора нема да се согласува со трета. Но, што би значело тоа, ако на Чешка или Словачка утре им се отвори некаков спор, ние треба да бираме со кој да соработуваме. Ние ќе соработуваме и со Германија и со Унгарија и Австрија и Франција“,
вели Муцунски.
Во однос на прашањето зошто Унгарија би имала интерес да и даде кредит на Македонија во ситуација кога нејзините макроекономските показатели се далеку од сјајни – со огромен јавен долг и многу висок дефицит – Муцунски вели тоа е грижа на унгарскиот премиер и оти договорот е јавно објавен.
„Најголемата критика е дека за тој заем има адвокатски услуги кои се природни. Ако критиката е дека се плаќаат 70 илјади евра за заем кој е под сите пазарни услови, тогаш таа критика не држи. Која е позадината? Унгарија како земја која е најблиска до регионот на Западен Балкан, сака стабилност и препознава потенцијал во новата влада. Ако не можеме да обезбедиме заем под добри услови, не критикуваат дека земаме големи заеми. Сега проблемот е заемот доаѓал од земја членка на ЕУ и НАТО, но таа моментално имала несогласувања со ЕК и со неколку земји членки“,рече министерот.
Прашан – која е цената за заемот, во контекст на изјавата на министерот за транспорт дека потенцијалниот влез на унгарскиот телекомуникациски оператор „4iG“ може да се гледа и во релација со заемот, министерот за надворешни работи вели дека земјава има многу јасни правила во врска со тоа кој може да добие концесија и кој има можност да настапи на телекомуникацискиот пазар, додавајќи дека тие како Влада единствено работат на модернизација на телекомуникацискиот пазар и на поголема диверзификација.
„Владата има начелен интерес за трет оператор, но тоа не значи дека ќе има или пак дека тоа ќе биде ’4iG’. Доколку има унгарски инвестиции во земјава, доколку унгарски компании инвестираат во било кој сектор – што е тоа лошо? Ние имаме многу јасни правила и во врска со концесија и со тоа кој е тој што има можност да настапи на телекомуникацискиот пазар како потенцијален трет оператор. Не може владата да дојде и да рече од утре ’4iG’ ќе биде трет оператор, тоа е законски невозможно“,
изјави Муцунски.
Муцунски вели дека тој како министер еднакво ќе ги третира сите потенцијални инвеститори без разлика дали доаѓаат од Унгарија, Словачка, Чешка или од САД, а дополнително рече – како што му се допаѓало друштвото со Ентони Блинкен, подеднакво му се допаѓа и дружбата со Петар Сијарто и со Александар Шаленберг, бидејќи тој како министер имал обврска да соработува со сите, да гради односи и да не биде селективен.
„Унгарија има одлични билатерални односи и со Франција, со Словачка, Турција и Унгарија, си димензионира како си ја гради надворешната политика и со кој гради сојузи, но факт е дека ако гледаме од стратешка гледна точка, ние сме заедно членки во НАТО. Исто како што Унгарија си ги бира своите поблиски сојузници, така и ние си ги бираме нашите сојузници. Нашите стратешки партнери се САД и тоа е значајно не само од политичка безбедност“,рече Муцунски.
Министерот рече и дека Унгарија е традиционален партнер на регионот и земја која е актуелен претседавач со Европската Унија и оти од таа гледна точка, тој смета дека е сосема нормално и природно земјава да има засилени односи со Будимпешта. Покрај негување на добри односи со Унгарија, тој рече дека сакаат да ги подобрат односите со сите соседи, а тоа се гледа по посетата на косовскиот премиер Курти на земјава, посетата на Муцунски на Софија и Белград, но и потенцијалната средба со грчкиот министер за надворешни работи, која според Муцунски, би требало да се случи за време на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорјк.