УНХЦР: Опадна бројот на раселени во 2025, но бегалската криза и понатаму е на високо ниво

Според податоците на УНХЦР, во текот на минатата година 5,4 милиони луѓе ги напуштиле своите домови, додека вкупниот број на бегалци и лица во слични ситуации достигна 41,6 милиони ширум светот, вклучувајќи и околу шест милиони палестински бегалци.

Агенцијата наведе дека истовремено околу 14,7 милиони бегалци и внатрешно раселени лица се вратиле во своите домови, што претставува пораст од 50 отсто во однос на претходната година и еден од најголемите забележани бранови на враќање од 1965 година.

 

Најголем број враќања се забележани во Демократска Република Конго, Судан, Сирија, Авганистан, Украина и Мјанмар, но УНХЦР предупредува дека многумина од повратниците се враќаат во услови со ограничен пристап до основните услуги, оштетена инфраструктура и натамошна несигурност. Особено е истакнато дека околу 2,9 милиони Авганистанци се вратиле во текот на 2025 година, додека Сирија забележала враќање на околу 1,3 милиони луѓе по политичките промени на крајот на 2024 година, што значително го намали бројот на сириски бегалци.

 

Во извештајот е наведено и дека 70 отсто од бегалците се во егзил подолго од пет години, што укажува на хроничната природа на глобалното раселување. УНХЦР предупредува дека долготрајните кризи остануваат „неприфатливо високи“ и покрај одредените позитивни трендови.

Високиот комесар на УНХЦР, Бархам Салих, порача дека азилот и заштитата „спасуваат животи и не се предмет на расправа“, но оти целта е намалување на бројот на луѓе во долготрајно раселување преку подобра интеграција, образование и вработување во земјите домаќини. УНХЦР најави цел до 2035 година да го преполови бројот на луѓе во долготрајна бегалска ситуација преку програми за поддршка и одржливо враќање.

Back to top button
Close