Унијата и СПД сакаат да започнат коалициски преговори

По околу една недела сондирања, Унијата (партиите ЦДУ/ЦСУ) и СПД одлучија да започнат коалициски преговори. Сондирањата беа завршени во добра и колегијална атмосфера, изјави на прес конференција во Берлин денеска (08.03.2025) лидерот на ЦДУ, Фридрих Мерц. Постигнат е договор и за прашањето за миграцијата.

Според Мерц, двете страни веќе се договориле за построга миграциска политика, која опфаќа и враќање на барателите на азил уште на границите на Германија, но во договор со соседните држави. Освен тоа, спорниот „граѓански надоместок“ ќе биде заменет со „нова основна поддршка“.

Со оглед на сериозните глобални политички предизвици, Унијата и СПД брзо ги завршија своите сондирања. Тоа е првиот важен чекор на патот кон црно-црвената сојузна влада. Во цела редица конкретни важни прашања е постигнато единство, потенцираше Мерц. Заеднички документ треба да биде основата за идните коалициски преговори, кои можат да започнат веќе идната недела, рече шефот на ЦДУ.

Веројатно идниот канцелар Фридрих Мерц има цел коалициските преговори за идната влада да бидат завршени до Велигден.

ЦДУ/ЦСУ победија на вонредните парламентарни избори на 23 февруари со 28,5 проценти освоени гласови. СПД освои 16,4 проценти, додека АфД беше втора со 20,8 проценти доверба кај гласачите. Алтернатива за црно-црвена коалиција нема, зашто Унијата исклучува соработка со десничарската АфД.(dw)

Back to top button
Close