Уништуваме прекрасни машки пријателства: Лукас Донт за „Блиску“

Не сме навикнати да сведочиме на нежни моменти меѓу момчиња а тие да не бидат сексуализирани.

Начинот на кој ќе го изговорите вториот филм на Лукас Донт, „Блиску“, номиниран за Оскар во категоријата Најдобар странски филм, може да се смени откако ќе го изгледате расплакани еднаш-двапати. За самиот Донт, насловот носи значење на близина (како, на пример, колку блиску беше „Блиску“ до освојувањето на Златната палма), но, кога ќе стигнете до крајот на филмот, играта со зборови станува очигледна.

Чудно, „Блиску“ за малку ќе го носел името „Ние две момчиња се држиме заедно“, упатувајќи на истоимената песна на Волт Витман и сликата на Дејвид Хокни. „Тоа се првите 15 минути од филмот“, вели Донт, 31-годишен белгиски режисер кој зборува тивко и замислено. „Го следиме ова младо пријателство додека трча низ цвеќиња во трка со измислените непријатели. Тоа е рајската градина од детството каде љубовта сè уште не мора да добие име“.

Во Белгија, две 13-годишни момчиња, Лео (Eden Dambrine) и Реми (Gustav De Waele), се неразделни пријатели. Капејќи се во сончева светлина и топли бои, тие везден играат игри, возат велосипед до и од училиште, а потоа спијат во ист кревет, со едната рака околу другиот.

„Да беа возрасни“, му велам на Донт, „веднаш ќе изведевме заклучок дека се работи за друг тип на врска. Кај деца, тоа е чиста невиност“.

„Но, дури и кога станува збор за деца, луѓето читаат различни работи“, одговара Донт. „Не сме навикнати да сведочиме на нежни моменти меѓу момчиња а тие да не бидат сексуализирани. Сакав да покажам една интимност која постои во младиот, машки универзум“.

По раните сцени во кои се прикажува едно блаженство, дуото вози кон училиште кадешто, на игралиштето, камерата се повлекува со некое наговестување, како крајната сцена на Caché на Михаел Ханеке. „Тие беа во нивниот меур, нивниот безбеден простор, нивниот универзум“, објаснува Донт. „Сакав да се оддалечам со камерата во тој момент бидејќи тие ја напуштаат својата интима. Игралиштето претставува микрокосмос за општеството кое е поделено на групи со свои кодови, норми и очекувања“.

Во ниту еден момент не се кажува експлицитно дали Лео или Реми се геј, стрејт, бисексуалци или, пак, несигурни за својата сексуалност. Сепак, Лео, кој игра хокеј на мраз и може да се приклучи на момчешките „Роналдо против Мбапе“ дебати, е видно вознемирен кога соученичките го прашуваат дали тој и Реми се „заедно“ или „повеќе од пријатели“. Лео инсистира дека се „браќа“; Реми, во аголот на кадарот, набљудува со пригушена болка.

Донт и неговиот коавтор, Анџело Тисенс, никогаш не ја навеле нивната сексуална ориентација во сценариото. „Не сакав филмот да биде за нивната сексуалност“, вели Донт. „Навистина не ми беше грижа за тоа. Филмот повеќе се фокусира на тоа како интимноста веднаш се сексуализира. Како општество, уништуваме прекрасни машки пријателства поради сликите што ги создаваме во глава.

Повеќе на Медуза

Back to top button
Close