Универзална недоверба

Отприлика, истата таа ароганција и непочитување на мислењето и чувствата на граѓаните се отсликаа и во случајот со Универзалната сала во Скопје. И навистина е многу глупаво, покрај сѐ што успеа да направи, градоначалникот на Скопје Петре Шилегов да падне на предлогот за уривање на Универзална сала.

За што правиме муабет? За монтажен објект стар половина век, кој веќе пет години не е во функција и кој е дури и опасен по живот, оти се распаѓа.

Ама, не е до зградата. Дури, кога ќе се преспие, ќе сфатиме дека не е толку ни до емоциите и носталгијата од младоста. На крајот на краиштата, златни славејчиња, скопски фестивали, џез фестивали, буба мари, фолк фестивали и партиски конгреси и масовно слушање прислушувани разговори ќе можат да се организираат уште попрофесионално и во некоја нова современа сала, која исто така може да ни биде универзална, како оваа оригиналната.

Гласното негодување и одбраната на една дотраена голема барака што и не е некое уникатно архитектонско достигнување без кое Скопје би го изгубило препознатливиот лик е само крик на јавноста против ароганцијата на власта. Едноставно, луѓето пукнаа на веста за уривањето на Универзална, од бес и очај дека никој не го есапи нивното мислење и фрустрациите дека не можат ништо да сменат.

Власта самата си ја потенцираше недовербата кон неа. Па, до вчера ни викаа дека ќе ја реновираат, се сликаа пред неа, ја вртеа во изборни кампањи, ветуваа проекти, еве само што не почнавме со реновирање, кога одеднаш – ај ќе ја рушиме.

На недовербата сами си ја накалемија и немоќта и сликата за неспособност. Добија избори на ветувања дека ќе расчистат со криминалите од Скопје 2014, дека ќе ги тргнат галиите, дека ќе ги дислоцираат спомениците… И оп – додека оние претходните градеа, овие не само што нема да го рушат Скопје 2014, туку сега ќе рушат и симболи на градот, па макар тоа било објект во распаѓање што смрди на мочки. Дочекаа Коце Трајановски да им зборува за уништување на градот и Јелена Жугиќ, што бараше гумени куршуми да го одбрани режимот на Груевски, сега да ја брани Универзална сала.

Па уште ѝ најдоа пригоден термин да најавуваат уривање – ден по годишнината од скопскиот земјотрес и сеќавањата за солидарноста. Ептен внимаваат на емоциите на граѓаните. Додај на сето тоа уште малку сомнеж, оти нели, и за уривањето на Универзална мора да има некој мотив, и ете ти – наместо власта да затвори еден проблем, си отвори пет нови. Додека ги решаваат и нив, ќе си отворат уште сто. А Универзалната сала, кај и да е, ќе падне сама од себе.

Па после нека се чудат зошто добиле само два пратеника плус. И нека ги обвинуваат луѓето дека се хистерични.

колумната на Горан Михајловски во целост прочитајте ја тука

Back to top button
Close