Универзална сала може да почека уште некој ден, велат од ВМРО-ДПМНЕ


Советниците во Советот на Град Скопје денеска не прифатија да се најде на дневен ред иницијативата на СДСМ, Владата да ја преземе реконструкцијата на Универзална сала од Град Скопје. Точката за оваа иницијатива не стигна до дневниот ред на Советот на Град Скопје, откако советниците од другите советнички групи не ја изгласаа. За неа гласаа само девет советници од коалицијата на СДСМ, а во салата беа присутни 25 советници, објави Мета.мк.

Претседателот на комисијата за култура, Страшо Ангеловски, рече дека немало потреба од итност за ваква иницијатива. Тој информираше дека добил писмо од министерката за култура во кое се бара да се промени инвеститорот на реконструкцијата на Универзална сала и дека сега очекува средба со министерката Бисера Костадиновска-Стојчевска.

„Бидејќи станува збор за неколку правни нешта кои треба да бидат усогласени, побарав средба со министерката. Очекувам дека тоа ќе се случи многу скоро деновиве “, рече Ангеловски, кој додаде дека штом Универзална сала не била реновирана пет или шест години, може да почека уште некој ден.

Универзална сала е затворена веќе 7 години. Реконструктивниот зафат започна во 2021 година, за време на мандатот на поранешниот градоначалник Петре Шилегов, но градежните работи беа стопирани кога градоначалничката функција ја презеде Данела Арсовска.

Back to top button
Close