Љупчо Николовски: ВМРО-ДПМНЕ ја закочи државата и ја заборави Крива Паланка

Слободата, еднаквоста и прогресивноста се основни вредности на СДСМ, порача пратеникот Љупчо Николовски од Крива Паланка, на почетокот на караванот „Мугри на слободата“.

„Од Крива Паланка пак ќе тргне победата. Како што во 2010 освоивме десетпати подобар резултат, така и денеска ќе се исправи грешката од 8 мај. И на локалните и на парламентарните избори“, порача Николовски, истакнувајќи дека оваа општина ќе биде симбол на промени.
Оваа Влада, додаде тој, ја замени европската перспектива со националистичка хистерија. Наместо визија – ширење на омраза. Наместо отворени кластери и ЕУ грантови – нови долгови. Наместо неповратни средства од ИПА фондовите – кредити со камати.

„Наместо да сме како Албанија, која отвора кластери со ЕУ, нашата власт ги задолжи идните генерации со кредити од држави, а не од меѓународни институции. Ние бевме лидери во ИПАРД – тие сега ни ја укинуваат целата перспектива“, рече Николовски.

Тој рече дека дека борбата за слобода не почнала вчера ид ека продолжува. „Се боревме со протести, со бомби, со маршеви. И ќе продолжиме да се бориме. Без систем и без ЕУ – ништо нема да се смени. А тие што велат дека ќе градат систем, не направија ништо освен што го оставија Кочани без државна поддршка“, истакна Николовски.

Тој остро ја нападна владата и за маргинализирањето на Крива Паланка: „Го бришат градот од сите капитални програми, не постои министер што ја посетил општината. Тие не само што немаат план, туку немаат ни доблест да се појават меѓу луѓето.“ – рече Николовски.

Николовски заклучи дека СДСМ останува единствената државотворна партија, со визија и искуство да ја врати Македонија на вистинскиот пат. „Сега е моментот да се исправат неправдите. Победата ќе биде на сите граѓани што веруваат во работа, правда и иднина.“ – заврши тој.

Сашко Митовски: Време е за нов чекор напред, покажавме дека можеме многу!

Од Крива Паланка започнува враќањето на довербата. Тука почнува обединувањето што ќе ја врати правдата, развојот и чесната политика. На отворањето на караванот „Мугри на слободата“, градоначалникот Сашко Митовски испрати силна порака: „Крива Паланка не е само град – ова е наш дом, наша чест, наш завет. Овде сме покажале дека со план, со срце и со труд – можеме многу. Затоа велам: време е за нова победа, но само ако сме сплотени!“ – истакна градоначалникот на Крива Паланка и претседател на општинската организација на СДСМ.

Митовски истакна дека СДСМ отсекогаш бил носител на одговорност и државотворност, партија што не се плашела да ги носи и најтешките одлуки кога тоа било потребно за државата. Денес, вели тој, наспроти неспособната власт на ВМРО-ДПМНЕ која за само една година ја закочи државата, СДСМ е потребен повеќе од кога било.

„Крива Паланка е пример како се води град, како се слушаат граѓаните и како се создава модерна, развиена и европска општина. Во изминатите 3,5 години, во градот се реконструирани над 50 улици, изградени се нови водоводи и канализации, како и 12 нови детски катчиња, со план за уште 5. Уредени се јавни површини, мостови, пешачки патеки, речни корита, а целосно е променет ликот на градскиот кеј. Крива Паланка денес има нов Генерален урбанистички план по речиси 40 години, и првпат функционален модел за долгорочен развој“ – рече Митовски.

Со 100% реализација на општинскиот буџет, креиран во консултација со граѓаните, секој денар е вложен таму каде што е најпотребно. Вложено е во градинки, училишта, спортска инфраструктура, како и во социјална заштита – од директна поддршка за семејства во социјален ризик, до воведување на ваучери за лица со попреченост. Отворен е и прв дневен центар за стари лица, а општината финансира и бесплатни летувања за деца од социјално загрозени семејства.

Митовски најави и реализација на низа капитални проекти: реконструкција на главната улица, нова монтажна катна гаража со 166 паркинг места, зонско паркирање, продолжување на патот до Калин Камен и нови хотелски инвестиции.

Посебен акцент Митовски стави на инфраструктурните проекти од регионално значење.

Експресниот пат Ранковце – Крива Паланка, вреден 93,7 милиони евра, е најголемата инвестиција во овој регион, заедно со рехабилитираните патишта до Деве Баир, Црцорија, Узем и Луке, со вкупна вредност од над 120 милиони евра. „Ова не се проекти за поединци. Ова се инвестиции за граѓаните. Ова е нашето заедничко дело. А сега следува одлука“, рече Митовски.

Градоначалникот посочи дека новата власт на ВМРО-ДПМНЕ ја заборавила Крива Паланка, а напорите за развој продолжуваат исклучиво благодарение на општинската визија и поддршката од претходната влада. Затоа, повика на мобилизација, без поделби и суети:

„Крива Паланка нема право на нова грешка. Сега не е време за експерименти. Сега е време за заштита на сè што сме изградиле и за силен нов чекор напред. Да го направиме вистинскиот избор – избор за труд, за иднина, за достоинство. Да не чекаме – туку уште вечерва, сплотени и обединети, да се вградиме во процесот што ќе значи убедлива победа. Победа што нема да биде ничија лична – туку победа на секој еден граѓанин што верува во правда, во работа и во иднина!“ – заврши Митовски.

Back to top button
Close