Управниот суд пресуди во корист на Владата: Падна одлука на ДКСК за антикризните мерки за НВО

Управниот суд ја поништил одлуката на Антикорупциската комисија, која одлучувајќи по приговор на генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев во врска со финансиската поддршка за здруженија и граѓански организаци што ја даде Владата, за време на вонреднната состојба.

Како што соопштија денеска од Владата, Управниот суд, вчера на седница, ја прифатил тужбата од Генералниот секретаријат на Владата, поднесена од генералниот секретар Драги Рашковски. Управниот суд, всушност, ја поништил одлуката на ДКСК како неоснована, со што го прогласил за неоснован и приговорот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова за Македонија“.

„Оваа одлука на Управниот суд доаѓа по поднесениот приговор на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ‘Обнова за Македонија’ во врска со објавениот ‘Оглас за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки со справување со ковид-19 ‘, за потпишување договори за финансиска помош за исплати на средства од буџетот во период на изборна кампања за предвремени избори за избор на пратеници во Собранието на Северна Македонија“,

информираа од Владата.
Во образложението на Управниот суд, како што информираат од Владата, се наведува дека во конкретниот случај се извршила исплата на средства од буџет за што биле донесени одлуки и програма за давање на финансиска поддршка во вонредна состојба. Исплатата, како што се посочува, претставувала само реализација на овие одлуки и програми, така што е ирелевантно дали исплатата е направена пред изборите од 15 јули 2020 година.

Дополнително, Управниот суд, во образложението, истакнал дека согласно член 9 став 1 од Уредбата со законска сила за прашања поврзани со изборите до денот на престанокот на траењето на вонредната состојба не се применуваат членовите 8-а, 75-г, 75-д и 84-а од Изборниот законик, како и членот 34 од Законот за спречување корупција и судир на интереси.

Целта на извршување на договорите, образложува Управниот суд, е пред сѐ давање помош на тие на кои им е потребна финансиска поддршка заради постоење на светска криза заради пандемијата од ковид-19, за што биле приложени докази дека се испочитувани сите процедури од страна на Генералниот секретаријат на Владата. Датумот на исплатата не е спорен за судот, односно пораното исплаќање значи побрза финансиска помош во услови на пандемијата.

Аргументацијата на ДКСК, пак, беше дека исплатата на одобрените средства за здруженија и фондаци се случила на 1 јули , односно во период на изборна кампања, спротивно на законите за избори и за спречување корупција.

Back to top button
Close