Ураганот Мелиса се движи кон Бахами – Куба и Јамајка се справуваат со последиците што ги остави

Управата за управување со катастрофи на Бахамите ги предупредува жителите на силни ветрови, обилни дождови, крајбрежни и внатрешни поплави и опасни бранови

. EPA/Mentor David Lorens

Бројот на жртви се зголеми откако ураганот Мелиса од Куба се упати кон Бахамите, еден ден откако ја погоди Јамајка како една од досега најсилните бури во регионот.

Властите од Хаити велат дека загинале најмалку 40 лица. Четири смртни случаи се регистрирани во Јамајка и еден во Доминиканската Република.

Куба и Хаити ги укинаа предупредувањата за урагани и тропски бури. Во меѓувреме, предупредувањето за ураган е во сила за Бахамите и Бермуди, додека предупредувањето за тропска бура е во сила за островите Туркс и Кајкос.

Според пишувањата на странските агенции, екипи за помош при катастрофи од цел САД се на пат кон Јамајка, Бахамите и Доминиканската Република и се очекува да пристигнат во следните 24 до 48 часа.

Јамајканската министерка за информации, Дана Морис Диксон, изјави дека на службите за итни случаи им е потребна помош за да стигнат до погодените заедници во западна Јамајка.

„Навистина е важно да имаме тешка опрема, да имаме екипи што можат да дојдат и да ни помогнат да стигнеме до тие области. Луѓето се ’отсечени’ и им се потребни залихи“,вели таа нагласувајќи ја важноста од доставувањето храна во тие области.

Инаку, ураганот Мелиса сега е бура од категорија 1, со максимални одржливи ветрови од 145 километри на час и се очекува да се движи над југоисточните или централните Бахами.

Управата за управување со катастрофи на Бахамите ги предупредува жителите на силни ветрови, обилни дождови, крајбрежни и внатрешни поплави и опасни бранови.

Премиерот на Јамајка Ендру Холнес отпатува во западниот дел на земјата за да ја процени ситуацијата на терен.

Тој во објава на социјалните мрежи вели дека Сент Елизабет, еден од регионите најтешко погодени од ураганот, е и областа каде што официјално беа потврдени првите жртви.

Како што објави кабинетот на премиерот, четири лица загинале – тројца мажи и една жена што биле пронајдени откако водата се повлекла.

Холнес, исто така, сподели снимки од воздух од опустошувањето во Сент Елизабет на социјалните мрежи.

„Штетата е обемна, но ние ќе ја вложиме целата наша енергија во започнување на силно закрепнување“рече премиерот.

Министерот за локална самоуправа на Јамајка, Дезмонд Мекензи, рече дека ураганот е „едно од најлошите искуства со кои Јамајка некогаш се соочила“.

„Нашата инфраструктура е сериозно компромитирана. Целиот остров го почувствува товарот на Мелиса. Има близу 15 000 луѓе во засолништа и повеќе од 530 000 без електрична енергија, во земја од 2,8 милиони жители“,рече тој

Back to top button
Close