Уругваецот Хозе Мухика: Најскромниот претседател во светот
Хозе „Пепе“ Мухика, герилскиот борец кој стана претседател на Уругвај, почина на 89-годишна возраст. Тој беше познат како „најсиромашниот претседател на светот“ поради неговиот скромен начин на живот.

Хозе Мухика, пошироко познат по прекарот „Пепе“, беше сакан поради неговата скромност и прогресивни општествени реформи.
На врвот на неговата политичка кариера како претседател на Уругвај , месечната плата на Мухика изнесуваше 12.500 долари (7.200 евра) – но тој добивал само една десетина од неа. Останатото го подарувал.
1.250 долари е „повеќе од доволно“, велеше Мухика, кој вообичаено се возеше наоколу во својата бледо сина „Фолксваген Буба“, која одбил да ја продаде дури и кога му биле понудени 1 милион долари за неа.
Овој земјоделец од западниот дел на главниот град, Монтевидео, никогаш не очекувал дека еден ден ќе постигне таква популарност – и веројатно тоа никогаш не му била целта.
Тој за ДВ во 2015 година, непосредно пред крајот на неговиот претседателски мандат, изјави дека е политичко животно.
„Во политиката сум од мои 14 години“, рече тој. „И ако не попуштам ментално, ќе продолжам во политиката сè додека не ме изнесат со нозете напред.“
Од политичка герила до затворска самица
Хозе Мухика е роден во Монтевидео во 1935 година во земјоделско семејство со баскиско и италијанско потекло.
Нивните животни услови биле скромни: Мухика имал пет години кога починал неговиот татко, а тој и неговата сестра работеле на семејната фарма за цвеќе уште од мали нозе.
Сепак, тој одел на училиште и продолжил да студира право, но подоцна се откажал бидејќи се повеќе се вклучувал во студентското движење.
Набрзо, Мухика и други ја основаа урбаната герилска група позната како Тупамарос. Во тоа време, на почетокот на 1960-тите, во Уругвај имаше масовна невработеност.
Мухика сонувал за „општество без општествени класи“. За таа цел, тој и Тупамаросите ограбувале банки, киднапирале политичари и поставувале бомби.
Мухика отсекогаш тврдеше дека никогаш не убил никого.
„Бевме наивни, но не треба да се губи од вид својата цел“, рече еднаш Мухика во интервју за ДВ.
Неговите цели го однесоа во затвор. Тој беше осуден за убиство на полицаец по престрелка со полицијата во 1971 година и помина 14 години зад решетки, од нив долг период во самица каде бил измачуван.
Мухика подоцна ја опиша оваа фаза од животот како „рутина за оние кои одлучуваат да го променат светот“, додавајќи дека имал многу време да се запознае себеси за време на неговиот престој во затвор.
Од самица до шеф на државата
Од 1973 до 1985 година, Уругвај беше под воена диктатура. Кога таа заврши, беше донесен закон за амнестија поради кој Мухика и другите политички затвореници беа ослободени.

Тој и неговата идна сопруга, Лусија Тополански, исто припадничка на Тупамаросите, која беше ослободена во исто време, се преселиле на мала фарма каде што продавале домати и хризантеми и се занимавале со политичка активност.
Тупамаросите еволуираа во левичарската политичка партија Movimiento de Participación Popular (Движење за народно учество или МПП), а 10 години по неговото ослободување од затвор, Мухика беше избран за пратеник во парламентот.
Една популарна приказна раскажува дека, на својот прв работен ден, тој патувал до парламентот со мопед. Портирот во парламенто, погрешно мислејќи дека е курир, го прашал: „Долго остануваш?“, а Мухика одговорил: „Се надевам“.
Неговите надежи беа исполнети. Во 2005 година, за првпат во својата историја, Уругвај избра социјалистички претседател: Табаре Васкез, лидер на левичарската коалиција Френте Амплио (Широк фронт). Тој го назначи Хозе Мухика за министер за земјоделство.
Пет години подоцна, во 2010 година, Мухика беше избран за претседател на Уругвај со 52% од гласовите.
Автентичноста како адут
Дури и на највисоката функција во државата, Мухика остана верен на себе. Често се појавуваше на состаноците на кабинетот облечен во кардиган, сандали и стари панталони. Никогаш не носеше вратоврска, дури ни во официјални пригоди. Носеше троделно одело како гостин во Белата куќа во 2014 година, но беше малку прекратко.
И покрај ова – или можеби поради тоа – неговиот домаќин Барак Обама, тогашен претседател на САД, го опиша како човек со „извонреден кредибилитет“.
Познатиот уругвајски новинар Едуардо Галеано еднаш за својот претседател Мухика изјаво: „Тој е обичен човек. Луѓето се препознаваат себеси во него, и поради тоа инспирира таков ентузијазам и надеж.“
Уругвајскиот експеримент
Како претседател, Мухика, деклариран атеист, ја преврте земјата наопаку. Тој ги легализираше истополовите бракови и абортусот, потези кои беа многу понапредни од политичката клима што преовладуваше во Латинска Америка.
Според логиката на Мухика, овој чин не бил ниту левичарски ниту либерален. „Светот мора да прифати одредени работи што се непроменливи“, рече тој.
Неговите социоекономски политики беа исто така успешни. Под негово водство, невработеноста, сиромаштијата и смртноста кај новороденчињата се намалија.
Неговиот најконтроверзен проект веројатно беше легализацијата на канабисот за рекреативни цели. Мухика веруваше дека ова е нешто што може да се тестира во мала земја како Уругвај.
Но, тој не беше во можност да ги спроведе сите свои планови. Неговата наголемо промовирана образовна реформа доживеа неуспех, како и големите инфраструктурни проекти. Тој, исто така, мораше да се справува со обвинувањата од колегите левичари дека се зближувал со големи корпорации по прашања поврзани со земјоделството и природните ресурси.
Сосема нетипичен политичар
Сепак, поради неговиот скромен стил, Мухика – за разлика од многу други латиноамерикански шефови на држави – генерално се сметаше за човек над секое сомневање за корупција.
Неговата пристапност и прагматизам веројатно беа и причината зошто му беа простени многу вербални грешки, како на пример кога ги нарече функционерите на ФИФА „група стари кучкини синови“ откако неговата репрезентација беше елиминирана од Светското првенство.
По завршувањето на неговиот претседателски мандат во 2015 година, Мухика наредната година посредуваше во мировните преговори меѓу колумбиската влада и герилците на ФАРК во Куба.
Тој продолжи да придонесува во политичката дебата сè до кратко пред неговата смрт од рак во мај 2025 година на 89-годишна возраст .
Хозе „Пепе“ Мухика беше нетипичен политичар. Со својот живот, тој постави пример за нова политичка култура.
Но, тој секогаш одбиваше да се смета себеси за сиромашен. Една од неговите најпознати изреки беше: „Не е сиромашен човекот кој има малку, туку човекот кој копнее по повеќе“. (dw)