“Усје“ дрско лаже и го става сопствениот профит пред заштитата на колективното здравје, обвинуваат од ЗХГ

Празнината од податоци кои јавноста не може да ги добие и една недела по информацијата оти „Усје“ загадува повеќе од дозволеното, нагласуваат од ЗХГ, во меѓувреме се пополнува со манипулациите на „Усје“ кои го ставаат сопствениот профит пред заштитата на колективното здравје

Откако вчера Цементарницата „Усје“ во допис до медиумите ги демантираше и ги оцени како неосновани наводите на Зелен хуман град (ЗХГ) во врска со нерегуларностите при мерењата на штетните емисии и вонредниот инспекциски надзор во фабриката, денеска од ЗХГ го обвинија „Усје“ оти дрско лаже.

„Во одговорот на ‘Усје’ до ЗХГ преку медиумите, загадувачкиот капацитет безмалку кажува дека го прочистува воздухот со своето постоење. Колку Цементарница ‘Усје’ загадува, најдобро знаат луѓето што живеат во околината на фабриката. ‘Усје’ е фатена на дело од Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС) и инспектори на Град Скопје дека загадува повеќе од дозволеното, а дрско лаже дека ЗХГ не објавува факти. Имено, ДИЖС при вонредниот надзор на ‘Усје’ откри и јавно објави дека кај котларата на мазут загадува двапати повеќе од дозволеното“ се наведува во соопштението на ЗХГ испратено до медиумите.

Оттаму додаваат дека според дозволата која ја поседува фабриката, таа е должна самостојно да го известува надлежниот орган за какво било надминување на дозволените вредности на загаденост, што, како што додаваат од ЗХГ, Цементарницата не го направила и со тоа го довела во ризик здравјето на скопјани.

„Дневниот извештај од печката број 3 од производниот процес содржи дупка без податоци од цели 10 часа во мерење од 24 часа. Тој податок го објави Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), а извештајот е невалиден според чл. 15 од Правилникот за методологијата, начините, постапките, методите и средствата за мерење на емисиите од стационарните извори“ велат од Зелен хуман град.

Од невладината повторно прашуваат како инспекторот на Инспекторатот за животна средина го прифатил овој, според нив, незаконски извештај, а дополнително прашуваат зошто недостасува цела табела со податоци од мерења во извештајот објавен од ДИЖС, како и зошто не се достапни мерењата од сите десет оџаци кои фабриката е должна да ги прави во континуитет.

„Зошто уште ги нема податоците од мерењата на ПМ 10 во кругот на УСЈЕ што ги спровел ДИЖС? За какви европски стандарди зборува УСЈЕ? Да се наоѓаа во Европа, немаше да им биде дозволено да работат! На кого во Европа му е дозволено да работи со вакви бездни од пропусти во податоците за тоа колку загадува? Очигледно е дека податоците за вистинскиот степен на загадување што го произведува УСЈЕ или не се објавуваат или се бескорисни и со нив се манипулира наместо да се прикаже вистинската состојба“додаваат од ЗХГ. Празнината од податоци кои јавноста не може да ги добие и една недела по информацијата оти „Усје“ загадува повеќе од дозволеното, нагласуваат од ЗХГ, во меѓувреме се пополнува со манипулациите на „Усје“ кои го ставаат сопствениот профит пред заштитата на колективното здравје.

ЗХГ го обвини „Усје“ за нерегуларности, од фабриката велат дека нападите врз нив се неосновани

Вчера, активистичките групи кои се дел од „Зелен хуман град“ (ЗХГ) преку писмено соопштение обвинија за нерегуларности во инспекцискиот надзор кој беше спроведен во фабриката од страна на Државниот инспекторат за животна средина и инспекторите од Град Скопје. Дополнително, обвинија дека Цементарницата не се придржувала кон А-интегрираната дозвола која ја поседува, односно дека јавно не ги објавувала дневните извештаи од континуираните мерења на емисии кои, како што велат, треба да ги спроведува на десетте од вкупно 12 оџаци во „Усје“.

Ваквите обвинувања, пак, како целосно неосновани ги отфрлија од Цементарницата „Усје“, од каде додадоа оти ЗХГ ги користи ваквите тврдења за стекнување на политички интереси на поединци. Оттаму велат дека производниот процес во фабриката се одвива според законски определените рамки и еколошки стандарди, а оти производството автоматски запира доколку филтрите не работат.

Back to top button
Close