„Усје ќе ја дислоцираме кога ќе ја купиме оти таа е приватна“: Вонредна седница на Советот на Град Скопје
Насекаде имаме ѓубре, си правиме депонии, инспекторите проверуваат, но не доволно, колку возила МВР пратил на дополнителен технички преглед – ова се дел од забелешките на советниците, кои денеска присуствуваат на вонредна седница на Советот на Град Скопје за состојбата со загадениот воздух во главниот град.
„Гласав за дислоцирање на УСЈЕ. Ама знаете кога ќе го направиме тоа? Кога ќе ја купиме фабриката, а по пет до 10 години може да ја дислоцираме, затоа што таа е во приватна сопственост“, истакна еден од советниците.
Сите советници кои говорат на оваа седница, се на мисла дека Градот Скопје треба да се донесат мерки кои се спроведливи и кои всушност ќе придонесат за почист воздух во главниот град.
Според Зелен хуман град ЗХГ, студиите на кои се повикуваат речиси сите надлежни, се тенденциозни, за загадувањето на воздухот да се оправда со загревањето на домаќинствата.
Дел од советниците рекоа дека сите урбани проекти и градби треба да се еколошки оправдани, а не да се гради насекаде, без никакво почитување на еколошките правила.
Во врска со сообраќајот, кој дополнително придонесува за загадување на воздухот, сметаат дека треба да се воведе еколошки, електричен јавен превоз, а дополнително да се воведат денови во кои се забрануваат одредени типови возила, кои се големи загадувачи.
– Мора да се воведе забрана за стари дизел возила под ЕУРО 4, да се отстранат од сообраќај возилата кои загадуваат, да се воведе ноќна достава, да се исклучат од сообраќај таксистите кои возат автомобили кои не ги исполнуваат стандардите, а да се субвенционираат возила за нив кои се електрични. Исто така да се субвенционираат оние претпријатија кои имаат еко-флота за достава – рече советникот Горан Арсов (fokus.mk)






