Уште не влезени, унгарски „4iG“ и државниот телеком на Емирати се обидоа да ја намалат цената за влез како трет мобилен оператор
Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) ќе објави јавен тендер или јавен тендер со јавно наддавање за трет мобилен оператор, откако јавната расправа за таа намена резултираше со Писмa за искажување на интерес на три телекомуникациски компании, а не само од унгарската „4ИГ“ која беше најавена од Владата уште минатата есен како оператор кој наводно ќе ги урне цените на услугите на „Телеком Македонија“ и „А1“.
„АЕК на 16.04.2025 година објави Намера за спроведување на постапка на јавен тендер со јавно наддавање (Намера). Времетраењето на јавната расправа по објавената Намера беше заклучно со 16.05.2025 година. По завршувањето на јавната расправа до АЕК пристигнаa Писмa за искажување на интерес од три заинтересирани страни и тоа: ОНЕ Македонија Телекомуникации ДООЕЛ Скопје, Битстрим Мобиле ДООЕЛ Скопје и од е& ппф Телеком Груп Б. В.
Бидејќи примениот број на писма за искажување на интерес е поголем од објавениот број на одобренија за користење на радиофреквенции што ќе се издаваат, во согласност со член 134 став (6) алинеја 1, АЕК ќе објави јавен тендер или јавен тендер со јавно наддавање – наведува АЕК во објава на својата веб страница за резултатите од јавната расправа.
Подружницата на „4иГ“ во Македонија, „ОНЕ Македонија Телекомуникации“ во тек на јавната расправа, предложиле годишните надоместоци за користење на фрекфенцискиот спектар да започнат да се пресметуваат од датумот на комерцијално пуштање на мрежата, а не од датумот на издавање на дозволата, иако не постои законска можност за одложување на обврската за плаќање, ниту пак можност за привремено намалување или поврат на дел од годишниот надомест за користење на радиофреквенции.
Од „е& ппф Телеком Груп“, пак, навеле дека предложените минимални износи на надоместоците се превисоки, особено, како што велат, имајќи ги предвид значајните инвестиции потребни за е& ппф да влезе на македонскиот пазар доколку успее на Тендерот.
АЕК во став за предлогот на е& ппф Телеком Груп наведува дека минималната висина на еднократниот надомест е определена врз основа на спроведена детална анализа од претходни постапки на доделувања на радиофреквенции и дека АЕК нема можност да направи намалување на минималната висина на еднократниот надоместок, стои во одговорот на Агенцијата за електронски комуникации.
Унгарската телекомуникациска компанија „4iG Group“ влегува преку својата подружница каде извршен директор на компанијата е Тамаш Табори, кој истовремено е и заменик извршен директор за телекомуникациска стратегија во „4iG Nyrt“.
За „e& PPF Telecom Group“ е познато дека е телекомуникациска група формирана во 2024 година како резултат на партнерство помеѓу чешката PPF Group и емиратската компанија e& (порано позната како Etisalat) која е всушност државен телеком оператор во Обединетите Арапски Емирати со приходи од 53 милијари евра.
Групата оперира во четири земји: Бугарија, Унгарија, Србија и Словачка, каде што обезбедува мобилни, фиксни, интернет и телевизиски услуги преку брендовите Yettel и O2, како и инфраструктурни услуги преку CETIN. Нивното фокусирање е насочено кон пазарите на Централна и Источна Европа, особено во споменатите четири земји.
Намерата за спроведување постапка на јавен тендер со јавно наддавање за нов мрежен оператор во државава АЕК ја објави на 16. минатиот месец, а на барање на „Оне Македонија телекомуникации“, фирмата што унгарската телеком-компанија „4иГ“ ја регистрираше во државава по објавата за влез на македонскиот телекомуникациски пазар.
Одобренија, според Намерата, ќе се издаваат само на нови мрежни оператори, односно, писма за искажување интерес не можеа да доставуваат постоечките мрежни оператори (А1 Македонија и Македонски Телеком).