Њусом: Администрацијата на Трамп уништи 80 години сојузништво
Демократскиот гувернер на Калифорнија, Гавин Њусом, денеска, во својот говор на Светскиот економски форум во Давос, ја осуди администрацијата на претседателот Трамп за уништување на сојузите формирани на крајот од Втората светска војна.

„Не е занемарливо да се уништи повеќе од 80 години сојузништво. Потребни се децении и децении за да се изградат довербата, организациите и архитектурата врз кои сè почива. Понекогаш се потребни само неколку недели, твит, часови или минути за да се уништи“, рече гувернерот на Калифорнија.
„Уништувањето не е сила. Администрацијата на Трамп е слабост прикриена како сила“, нагласи демократскиот политичар, кој би можел да биде кандидат за Белата куќа во 2028 година.
Трамп вчера одржа агресивен говор пред Европејците во Давос, а потоа направи спектакуларен пресврт во врска со Гренланд објавувајќи нацрт-договор со НАТО за островот што го посакува.
Демократскиот гувернер, жесток и редовен критичар на републиканскиот претседател, го спореди Трамп со инвазивен вид во американскиот политички живот.
„Можеме да ја изгубиме нашата Република каква што ја знаеме“, предупреди тој. „Нашата земја стана непрепознатлива во период од неколку месеци. Тоа е црвен аларм, трепкачко црвено светло во САД“, рече тој.
Трамп „намирисува слабост како никој друг. Тоа е неговата голема сила, тоа е неговиот талент“, оцени Гевин Њусом и повика на возвраќање на ударите кон републиканскиот претседател






