Уставен одлучи да не поведе постапка за измените на законите за платите на судиите и на членовите на Судскиот совет
Уставниот суд на денешната седница одлучи да не поведе постапка за измените на Законот за платите на судиите и на Законот за платите на членовите на Судскиот совет, што Собранието ги донесе во февруари, годинава.
Според портпаролката Христина Беловска, за Уставниот суд неприфатливи и неосновани се наводите на Судскиот совет и на Здружението на судии коишто се подносители на двете иницијативи во кои тврдат дека со законските измени се загрозува независноста и самостојноста на судството.
Од Уставне велат дека судиите и натаму земаат плата којашто одговара на нивниот статус, улога и дигнитет и оти нивната материјална состојба не е влошена.
„Нивната материјална сигурност не е загрозена како што се тврди во наводите бидејќи тие влегуваат во групата на јавни функционери кои примаат највисоки плати во државата“додаде таа.
Судот, како што рече Беловска, цени дека намалувањето на коефициентите е извршено врз основа на закон што значи дека се неосновани наводите дека се прави упад во судската власт бидејќи Собранието е тоа што е надлежно да ги носи законите.
Подносители на иницијативите кои денеска беа разгледувани од Уставниот суд се Судски совет на Република Северна Македонија, преку неговиот претседател Весна Дамева и Здружение на судиите на Република Северна Македонија, преку неговиот претседател д-р Џемали Саити.
Судскиот совет, во март годинава, со иницијатива до Уставниот суд ги оспори одредбите од измените на два од шесте закони изгласани во Собранието на крајот на февруари, а со кои се стопира растот на платите на избраните и именуваните функционери, категорија во која спаѓаат и судиите и членовите на Судскиот совет.
По Судскиот совет, и Советот на јавни обвинители најави дека пред Уставниот суд ќе го оспори неодамна донесеното законско решение со кое се стопира растот на платите на избраните и именуваните функционери. Според Советот на јавни обвинители, намалувањето на коефициентите на платите е неуставно и политички мотивирано, а оти платите на обвинителите се заштитени со закон.
Со пакетот закони кои беа изгласани на крајот на февруари, а со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните лица, опфатени се 1 060 лица од оваа категорија како што се претседателот, пратениците, министрите, судиите, јавните обвинители, членовите на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.