Уставен: Претседател на Судски совет може да биде било кој од членовите, не само избраните од Собранието

Според законската одредба која ограничуваше дека претседател на Судскиот совет може да биде само некој од членовите избрани од Собранието, избор се вршеше два пати – на Павлина Црвенковска во април 2021 и на Весна Дамева во декември 2022 година

Претседател на Судскиот совет отсега ќе може да биде кој и да е од членовите со право на глас. Тоа значи, на чело на ова тело ќе може да застане и судија предложен од судовите во земјава, а не само членовите на Советот кои ги предлагаат и избираат партиите и пратениците во Собранието.

„Судот оцени дека е неуставно ограничувањето на изборот на претседателот и негов заменик на Судскиот совет само на членовите кои се избрани од Собранието, додека останатите членови на Советот со право на глас се исклучени. Според Уставниот суд, укинатиот дел од наведениот член е спротивен на владеењето на правото и поделбата на државната власт“велат од Уставен.

Конкретно Уставен ја укина одредбата од членот 8, став 3 од Законот за судски совет која предвидуваше дека претседател се избира од редот на членовите „кои се избрани од страна на Собранието на Република Северна Македонија.

Ваквите ограничувања за избор на претседател беа наметнати со новиот Закон кој стапи на сила во мај 2020 година.

Според овој Закон, досега во два наврати се бираше прв човек на Судскиот совет. Во 2021, за претседателка беше избрана Павлина Црвенковска која беше судски советник во скопскиот Апелациски суд.

Откако таа си поднесе оставка, по истите одредби во декември 202 година беше избрана и нејзината наследничка Весна Дамева која беше стручен соработник во Основниот кривичен суд Скопје.

Судскиот совет го сочинуваат вкупно 15 члена од кои 13 се со право на глас. Оние со право на глас, според Закон, се осумчлена кои се избираат од редовите на судиите, тројца избира Собранието, а двајца по предлог на претседателот на државата. Тие имаат мандат од по шест години, а на функцијата претседател може да бидат по две години.

Останатите двајца членови на Советот се претседателот на Врховниот суд и министерот за правда, во случајот судијката Беса Адеми и Кренар Лога, но тие се без право на глас.

Back to top button
Close