Уставен суд ја одложил седницата за Законот за банки – штедачите на Еуростандард банка разочарани

Седницата на Уставниот суд, која требаше да се одржи денес и на која требаше да се одлучува по иницијативата за поведување на постапка за оценка на уставноста на член 163 став 3 од Законот за банки, повторно е одложена, соопштија од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка. Овојпат, како што велат, одложувањето е на неопределено време. Причина за одлагањето, според официјалното соопштение на Уставниот суд, е состојбата со ширењето на корона вирусот.

-Ние, оштетените физички и правни лица од Еуростандард банка, повторно сме разочарани. Но, не се обесхрабруваме и предаваме бидејќи длабоко сме убедени дека правдата е на наша страна, и дека таа мора да го најде својот пат, се вели во соопштението до медиумите.

Во него се наведува и хронологијата на одлуките на Уставен суд. Притоа се вели дека иницијатива за укинување на членот 163 став 3 од Закон за банки, повторно беше ставена на дневен ред како втора точка од шест точки на последната седница која се одржа на 25 март 2021 година.

На таа седница се случи пресвртот кога повторно почна дискусија за точката, и на таа дискусија од страна на еден од судиите кој претходно гласаше против, д-р Осман Кадриу го промени својот претходен став во врска со иницијативата и практично ја најави пресвртницата за решавање на оваа неправда врз штедачите. Потоа требаше да следи гласање и донесување нова одлука и доколку тоа се направеше резултатот ќе беше пет судии за прифаќање и три судии против прифаќање на иницијативата, но пред да се случи тоа судијата Претседател Сали Мурати ја прекина седницата со наведување на причина дека мора да оди на состанок кој претходно го најавил, по што истата се одложи не за една недела како што е пракса, туку за две недели или 7-ми Април.

-За да стане сомнежот уште поголем, новозакажаната седница се одложи повторно, овојпат на неопределено време и тоа еден ден пред закажаната дата. Официјална причина за одложувањето овојпат е ширењето на корона вирусот и новите мерки кои сепак не ја одложија работата на другите институции во државата слични на оваа, велат од Здружението на оштетени штедачи на ЕСБ, кои каоо што велат, очекуваат дека уставните судии сепак ќе најдат можност и време најитно да заседаваат и да ја продолжат прекинатата седница за член 163 став 3 од Законот за банки.

Back to top button
Close