Уставната судијка Кацарска се обрати во Собранието на Црна Гора по повод 120 години од усвојувањето на Уставот


На покана на претседателот на Собранието на Црна Гора, Андрија Мандиќ, а по повод 120 години од усвојувањето на Уставот на Кнежество Црна Гора, судијката Добрила Кацарска имаше свое обраќање во коe се осврна на уставна традиција и трансформација, преку компаративен преглед на Уставот на Кнежеството Црна Гора од 1905 и Уставот на Република Северна Македонија од 1991 година, информираат од Уставниот суд.

-Уставот од 1905 година е производ на политичка храброст и правна мудрост. Преку него се отелотвори идејата дека државната власт мора да биде правно ограничена и за да биде легитимна, мора да му служи на народот. Кога Република Северна Македонија го донесе својот Устав во 1991 година, таа се наоѓаше на сличен историски пресвртен момент. И двата наши народи се обидоа да го дефинираат својот суверенитет преку устав, да ја ограничат власта со принципи и да го заштитат поединецот од арбитрерност и самоволие, истакнала Кацарска во обраќањето.

Во оваа смисла, како што посочила, уставните традиции на Црна Гора и Република Северна Македонија се временски одделени, но обединети во духот.

Кацарска посочила дека во двата устава се гледа истата морална основа „државата постои за да му служи на граѓанинот, а не обратно. Уставот на Црна Гора, заштитувајќи ги правата на јазикот на своето време и Уставот на Република Северна Македонија, вградувајќи ги меѓународните стандарди за човекови права, потврдуваат дека слободата и законитоста се неразделни“.

-Како судии на уставните судови, нам ни е доверена мисијата да го зачуваме тоа наследство – да обезбедиме овие права да останат живи гаранции, а не далечни декларации. Секоја уставна одлука што ја донесуваме, го продолжува дијалогот што започна со црногорскиот Устав од 1905 година: дијалог помеѓу моќта и принципот, авторитетот и слободата, државата и граѓанинот. Денес, додека Црна Гора ја слави оваа годишнина, ние во Република Северна Македонија ви се придружуваме со восхит и почит и учествуваме во ова одбележување како партнери во истото уставно патување – кое води кон посилна демократија, подлабоко почитување на човековите права и поблиска интеграција во европското семејство на нации, истакнала Кацарска.

Според неа, оваа годишнина треба да нè потсети дека уставите не се споменици на минатото, туку живи договори на сегашноста – обновени секој ден преку работата на нашите судови, институции и граѓани.

Back to top button
Close