Уставни измени, парламентарни избори, се` или ништо!

Во оваа шаховска партија, ќе видиме кој од професорите Мицкоски и Ковачевски ќе излезе политички велемајстор. Се плашам само партијата да не заврши со шах-мат на нашата европска иднина. Пишува Никола Тодоров
Во колумната „30 години независност“, наведов 5 работи кои мора да ги направиме во наредните 30 години. Една од нив беше дека мора да влеземе во ЕУ, со констатација дека ниту Бугарија, ниту Грција, ниту пак земјите од југоисточна Европа, економски ќе не` престигнеа, доколку не влезеа во ЕУ. На крај заклучив дека сами, волку можеме, а тоа се виде и докажа овие триесет години.

Ќе ви претставам четири можни опции за Македонија да продолжи по европскиот пат и една опција да не продолжи.

Опции „За“ ЕУ интеграција

Првата опција е актуелната власт да обезбеди 2/3 мнозинство, да се изгласаат уставните измени и со тоа да иницира смена на лидерот на опозицијата кој јавно кажа дека доколку и еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ гласа за уставните измени, тој не само што ќе си замине од лидерската позиција во ВМРО, туку и ќе се повлече од политиката. Ова сценарио е идеално за владата на СДСМ и ДУИ, иако стои и аргументот на некои истакнати членови на СДСМ, дека на СДСМ и ДУИ не им одговара Мицкоски да си замине од кормилото на ВМРО.

Втората опција е организирање на брзи предвремени избори, откако претходно сите парламентарни партии или барем ВМРО и СДСМ со коалициите, и парламентарните партии од албанскиот блок, ќе се договорат дека новото собрание, уште пред да се формира владата, веднаш по конститутивната седница, ќе отпочне процедура за уставни измени со цел истите да завршат пред ноември 2023 година, за да нема никаков застој во преговорите за наше полноправно членство во ЕУ. Во овој случај изборите би се одржале во втората половина на месец март оваа година. Многу веројатно е дека на овие избори би победила ВМРО и потоа таа би била носител и предлагач на уставните измени, кои СДСМ како опозиција би ги поддржала. Ова е сценарио кое повеќе му одговара на ВМРО, бидејќи би гласале за уставните измени од позиција на власт и со тоа далеку полесно ќе ги амортизираат своите незадоволни членови и симпатизери. Во оваа ситуација, никој нема ниту да ја спомнува, а камо ли да му бара оставка на новиот премиер, туку многу веројатно, сите уште повеќе ќе му се умилкуваат и ќе му бараат државни функции. Да, тоа се вика клиентелизам, но тој за жал е реалност и е подеднакво присутен и во СДСМ и во ВМРО, а богами и во сите останати партии на политичката сцена. Во ова сценарио можен проблем е што нивото на клиентелизам, кое опаѓа во опозиција, ќе се намали кај СДСМ и можно е дел од нивните пратеници да одбијат да ги поддржат уставните измени, но сепак мислам дека ќе има над 80 пратеници кој би гласале „за“ во ова сценарио.

Третата опција е уставните измени да ги поддржи опозицијата во овој парламентарен состав, со договорда се организираат предвремени парламентарни избори некаде во втората половина од оваа година. Ова сценарио помалку му одговара на лидерот на опозицијата, бидејќи ќе треба да си поднесе оставка и ВМРО на следните предвремени парламентарни избори да оди со нов лидер. Но, ова можеби повеќе одговара на партијата ВМРО, бидејќи новиот лидер нема да биде оптоварен со одлуката за поддржувањето на уставните измени од претходниот лидер, а новиот лидер, доколку не е поставен директно од претходниот, многу брзо може да има и поголем рејтинг од рејтингот на партијата и да биде додадена вредност за ВМРО на следните предвремени парламентарни избори. Ова сценарио, во услови на некадарна власт, најмногу и` одговара на партијата ВМРО, но и на државата, бидејќи оваа власт ќе си замине, а ВМРО, европски брендирано, ќе може брзо и ефикасно да ја врати државата во нормала. Сепак ова сценарио е и најмалку веројатно, затоа што во македонската политика се покажало дека судбината на лидерите е секогаш поважна од судбината на партијата и од судбината на државата.

Постои и четврта опција, а тоа е веднаш, да се направи широка коалиција помеѓу ВМРО и СДСМ, и да се поддржи експертска влада која ќе ја води државата во наредни 15 месеци. Оваа влада ќе ги предложи уставните измени и ќе се обиде да ја стабилизира државата, пред се` на економски план. Во оваа сценарио опасноста е да доколку оваа техничка влада е економски неуспешна, Левица, на сметка на ВМРО и СДСМ, ќе стане прилично голем политички субјект по изборите.

Никола Тодоров, автор на колумната

„Чистилиште“ помеѓу пеколот и рајот

Опцијата Македонија да не продолжи по европскиот пат е во случај да не се донесат уставните измени и да нема предвремени парламентарни избори. Ова е најлошото можно сценарио, бидејќи ем државата ќе продолжи да тоне под раководство на оваа власт, ем евроинтеграциските процеси за Македонија ќе завршат, бидејќи де факто Албанија ќе се одвои од нас на нејзиниот европски пат, па ние ќе останеме во некој меѓу простор. Така заглавени во „чистилиштето“ помеѓу пеколот и рајот, може да останеме и во наредни десетина и повеќе години. Ова бидејќи во вакви услови, многу веројатно е ВМРО да победи на следните парламентарни избори, но да не може да состави влада, па да состават влада сите останати партии, без ВМРО и Левица и тоа да се прикаже како некоја европска коалиција. Ова ќе значи дека и во новиот парламентарен состав ќе го нема потребното 2/3 мнозинство за уставни измени, бидејќи ВМРО повторно ќе остане на истиот тврд став, а сегашниот лидер ќе ја задржи претседателската позиција во ВМРО под изговор дека убедливо победил на изборите, ама дека преку пост изборен инженеринг ДУИ и СДС направиле квислиншка влада. Ова ќе ја задржи Македонија во „Чистилиштето“ најмалку до 2028 година.

Според Бизмарк, политиката е уметност на можното. Во оваа шаховска партија, ќе видиме кој од професорите Мицкоски и Ковачевски ќе излезе политички велемајстор. Се плашам само партијата да не заврши со шах-мат на нашата европска иднина.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close