Уставниот суд да толкува согласно Уставот и неговиот дух, а не да чита црно-бело – порака од вицепремиерот Меџити
На свечената седница во Владата по повод 24-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, Изет Меџити најави зајакнување на користењето на јазиците во администрацијата и јавниот живот и носење закон за правична застапеност
Охридскиот рамковен договор не е само сеќавање, туку жив процес што треба да се претвори во правични закони и инклузивни политики и институции кои му служат на граѓанинот со чесност, изјави вицепремиерот и министер за животна средина Изет Меџити на свечената седница по повод 24 години од неговото потпишување.
Тој рече дека Владата се води од филозофијата за градење општество кое ја гледа различноста како богатство, а не како пречка.
„Нема вистинска демократија без доверба и нема функционална држава без еднаквост. Затоа секоја политичка одлука и реформа мора да биде во согласност со духот и принципите на Охридскиот договор“,рече Меџити.
Вицепремиерот вели дека Владата е посветена на градење правен систем кој гарантира реална, а не само формална еднаквост.
„Последица на формалната еднаквост е половичниот закон за употреба на јазиците, кој е оспорен пред Уставниот суд, но и механизмот на балансерот, кој беше укинат од Уставниот суд. Уставниот суд во држави како нашата треба да биде гарант на уставната еднаквост, тој треба да биде заштитник на темелните политички договори, значи механизмите кои произлегуваат од еден мировен договор, треба да ги почитува и да ги толкува со цел зачувана етничката рамнотежа во државата. Уставниот суд треба да ги толкува законите согласно Уставот и неговиот дух, а не само да прави црно-бело читање на неговите членови“,додаде Меџити.
Тој најави дека Владата го зајакнува користењето на јазиците во администрацијата и јавниот живот и дека наскоро во Собранието ќе се усвои закон за правична застапеност.
„Употребата на албанскиот јазик во јавните институции не е укината, туку вложуваме напори да ја зајакнеме во услови кога актуелниот закон е оспорен пред Уставниот суд, спроведуваме инклузивни политики во образованието и културата кои го одразуваат нашиот општествен мозаик и му даваат на секое заедништво заслужен простор за зачувување и развивање на својот идентитет“,кажа вицепремиерот Меџити.
Според него, оваа година е најуспешна за вработување во администрацијата од независноста на државата.
На денешната свечена владина седница по повод одбележување на 24-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор се обрати и премиерот Христијан Мицкоски кој порача дека во државата постои заедничка иднина за сите, која ќе биде онаква каква што ќе се создаде денес. Тој упати повик до сите без разлика на вера, националност или политичка (не)определба да ја изберат државата пред поделбата, иднината пред минатото, љубовта кон татковината пред омразата.