Уставните измени причина за резерва кај Таравари за идна влада со Мицкоски, од ВМРО-ДПМНЕ не прифаќаат условувања
„Сè уште имам дилеми за наредна влада која би била предводена од Мицкоски. Нашите приоритети од 1 до 10 се јасни, тоа е европскиот пат, почнување преговори преку уставни измени, сè друго е после тоа“, вели Таравари во интервју за „Клик плус“ на ТВ 21
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, велат дека во врска со ваквите услови за уставни измени позицијата на партијата останува непроменета
ВМРО-ДПМНЕ и понатаму цврсто останува на позицијата против, како што велат, уставни измени под бугарски диктат, а од партијата исклучуваат можност за нивно прифаќање и како услов за идни постизборни коалиции.
Од партијата ваквиот став го повторија и денеска, овој пат одговарајќи на новинарско прашање поврзано со синоќешното гостување на Арбен Таравари во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21, кој изрази резерви кон ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски, токму околу прашањето за уставните измени.
На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ може да гарантира прифаќање на уставните измени за продолжување на преговорите со ЕУ, портпаролката на партијата Марија Митева одговори:
„Единствената гаранција која ВМРО-ДПМНЕ ја има е комплетно напуштање на ваквата условувачка политика која ја има во Македонија и на која се навикнати сите други политички партии и политичари. Коалиција е возможна со секој оној кој има за цел да ја направи Македонија достоинствена држава, да владее чесно и позициите да бидат вистински сервис на граѓаните. Сè друго, а особено за вакви услови за уставни измени под бугарски диктат позицијата на ВМРО-ДПМНЕ во однос на ставовите останува непроменета“,
Од друга страна, Таравари, кој е кандидат за претседател на државата поддржан од опозициските партии на Албанците здружени во коалицијата „Европски сојуз за промени“, во синоќешното интервју порача дека доколку не се случат уставни измени, тие нема да бидат дел од идната влада што би се формирала по изборите.
Инаку, крилото на Таравари во Алијанса за Албанците од викендов ја формализира одлуката на претстојните избори да настапи заедно со „Европскиот сојуз за промени“ на троецот Африм Гаши (Алтернатива), Билал Касами (Беса) и Изет Меџити (Демократско движење).
„Сега зборувам за Алијанса за Албанците, без разлика колку пратеници ќе имаме, ние нема да бидеме дел од влада која нема да ги направи уставните промени. Ќе бидеме дел од влада која во одреден временски период ќе се обврзе да ги спроведе уставните промени“,порача Таравари.
Во овој контекст, тој рече дека сè уште има дилеми во врска со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, чии јавни ставови околу ова прашање ги оцени како конфузни и нејасни.
„Неговите јавни ставови се конфузни, нејасни во врска со уставните измени. Доколку не се реши за уставните измени, јас зборувам повторно за мене, би влегол во влада само ако тие се случат. Затоа сè уште имам дилеми за наредна влада која би била предводена од Мицкоски. Нашите приоритети од 1 до 10 се јасни, тоа е европскиот пат, почнување на преговори преку уставни измени, се друго е после тоа“,вели Таравари.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска изјави оти партијата која предводи е голем фаворит на следните парламентарни избори, а тоа, како што кажа, јасно го покажуваат анкетите. Според него, разликата е два наспроти еден, а очекувањата, како што вели, се дека ќе биде и уште поголема, односно два и пол наспроти еден.
„ВМРО-ДПМНЕ е голем фаворит за следните парламентарни избори кој ќе се случат за нешто повеќе од два месеци. Некаде околу 44-45 дена имаме до почеток на кампањата за првиот круг на претседателски избори. Огромна е разликата и таа е повеќе од два спрема еден и таа ќе биде уште поголема, односно два и пол спрема еден“,рече Мицкоски во денешното гостување на утринската емисија „Здраво Македонијо“ на телевизија Канал 5.
Неодамна, во телевизиско интервју, одговарајќи на прашања за евентуални пред и постизборни комбинаторики, Мицкоски рече оти посакуван партнер на ВМРО-ДПМНЕ од партиите на Албанците е „Европскиот сојуз за промени“.
„Нашиот партнер се знае кој е – народот и нормално на политичката сцена албанскиот коалициски партнер би сакале да биде оваа тројна коалиција ’Европски фронт за промени’ на Касами, Гаши и Меџити. Јас ова не сакам многу да го зборувам во јавност и зошто бегам од оваа тема? Затоа што овие другиве имаат стекнато голем имот, материјално се моќни, преку медиумите, структурата којашто ја имаат ги анатемисува, видете овие со кауриве сакаат нам Албанците повторно да ни нанесат штета“рече Мицкоски во интервју за „Тема на денот“ на ТВ Сител, емитувано на 24 јануари.