Уставните измени се неопходни за Македонија конечно да ги започне преговорите, вели Томас Вајц
Известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц во изјава за 360 степени вели дека Македонија сепак мора да ги донесе уставните измени за да конечно ги започне преговорите.
Тој додава дека преговорите на земјава биле тешки и долги, но дека сега има јасно мнозинство што зборува само за себе, откако денеска беше усвоен извештајот во Комитетот за надворешни работи.
„Мислам дека покажува јасна волја и поддршка од Европскиот парламент за пристапниот процес, но се работи за процес заснован на заслуги, така што реформи се неопходни, уставни измени се неопходни, кои можеби нема да се последни. Сите наши држави правеа уставни измени за да можат да се придружат на ЕУ, на заедничкиот пазар, заедничкото европско право. Ова е многу нормален процес и да, Северна Македонија треба да ги направи следните чекори, да направи уставни измени за конечно да започнеме вистински преговори“ рече Вајц.
За усвојување на извештајот утрово гласаа 40, 19 беа против и 10 воздржани.
Одбиен беше амандманот што усно го предложи германскиот европратеник Михаил Галер од ЦДУ, односно од Европската народна партија – пред „македонски јазик и идентитет” да се додаде терминот „модерен”. Шестмина се изјаснија против (требаше минимум петмина) што според правилата на ЕП значеше дека за амандманот воопшто нема да се гласа.
Галер, кој е од групата на демохристијаните, рече дека имаат разбирање со групите Социјалисти и демократи, Обнова и Зелените, таков амандман да биде предложен и на пленарната седница на Европскиот парламент на која треба конечно да биде усвоен извештајот за Македонија.
Сесијата е закажана од 7 до 10 јули во Стразбур.