Уставните измени се прашање на кредибилитет, вели евроамбасадорот Рокас

Договорите на ЕУ јасно не прават никаква референца на второ ниво, членство, или членство без права, односно без право на глас или право на вето. Ако сакате да направите такви промени, треба да се ревидира договорот, а тоа бара едногласност во Унијата, вели евроамбасадорот Михалис Рокас во интервју за „Слободен печат“.

Во однос на Уставните измени, тој вели дека цврсто верува дека сите партии во земјава се свесни дека треба да се спроведат, како услов за одење напред. Според него, тоа е прашање на кредибилитет. Еве некои поенти од интервјуто:

На прашањето околу уставните измени, дали мисли дека може да се постигне некаков пробив по ова прашање, Рокас одговара потврдно

„ Да, се надевам дека да. Затоа што всушност, и не мислам дека грешам, цврсто верувам дека секоја партија, без разлика дали е на власт или во опозиција, разбира дека уставните измени треба да се усвојат. Прашањето е како повторно да се всади доверба во системот. Исто така, ова е момент кога, ако успееме да го надминеме овој чекор и реформите продолжат, ќе создадеме нов вистински моментум. И мора да верувате во динамиката на преговорите. Кога ќе преговарате, не создавате само очекувања, туку создавате и поддршка. Затоа постојано го повторувам ова, затоа што силно верувам дека со реформите за кои зборувавме, вклучувајќи ја борбата против корупцијата и владеењето на правото, ако сето ова оди паралелно, тогаш тоа ќе создаде нова и голема можност и вистински пат кон ЕУ за Северна Македонија“, вели Рокас.

 

 

На прашањето како може да ја убеди Владата дека тоа е единствениот начин да се оди напред, тој одговара дека сите знаат дека во политички одлуки, какво што е проширувањето на ЕУ, треба да се исполнат обврските.

„И постоеше јасна обврска во 2022 година од суверена држава, Северна Македонија и ЕУ, дека ова е услов – овие уставни измени – за да се оди напред. И тоа е прашање на кредибилитет. Кредибилитетот носи доверба, но мора и ние да донесеме доверба од наша страна“, вели Рокас, појаснувајќи дека станува збор за кредибилитет на двете страни.

„Од една страна, кога како суверена држава сте презеле обврска, ја исполнувате таа обврска, тогаш довербата и кредибилитетот одат кон ЕУ – да, одиме напред. Но од друга страна, ова е и момент за ЕУ да покаже не само дека зборува за проширување, туку дека навистина ќе ја поддржи земјата до крај. Убеден сум дека тоа постои“, вели Рокас.

Тој исто така додава дека има огромно почитување кон мислењето на граѓаните, како и дека во последните анкети, поддршката за ЕУ се искачи над 70%, а кај младите, 80%, скок од 60%.

„Значи, она што треба колективно да го направиме, владата, опозицијата, но и ние како ЕУ, е да одговориме на очекувањата на граѓаните“, вели евроамбасадорот посочувајќи дека ова е момент во кој ни треба прагматизам и доверба за да се оди напред.

„Верувам дека откако ќе го направиме она што беше договорено, кога ќе ја исполниме обврската, и истовремено ќе продолжиме со реформите, патот кон ЕУ ќе биде широко отворен“, уверува Рокас.

„Сите имаме разбирање за позицијата на земјата и за долгото чекање од речиси 21 година. Затоа би рекол дека можеме да го смениме чипот. Навистина можеме, ако покажеме малку храброст и решителност – ова е моментот. И навистина верувам дека земја што напредува, спроведува реформи, оди напред, создава нова динамика, не е можно некој да ја сопре“, вели Рокас во интервју за „Слободен печат“.

 

Back to top button
Close