Усвоен Извештајот за учество на членовите на Советот во работата на Комисијата за распределба на финансиски средства за поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19

Соопштение на Владата на Република Северна Македонија

Имајќи ја предвид дискусијата иницирана од распределбата на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженијата и фондациите од Буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година за мерки за справување со КОВИД-19 кризата, Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор ја информира јавноста за текот на овој процес.

На 22-та онлајн седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (во натамошниот текст: Советот) одржана на 19.06.2020 год. беше усвоен „Извештај за учеството на членовите на Советот во работата на Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19 кризата“ (натаму Извештајот). Советот го оцени процесот како исклучително транспарентен имајќи ги предвид сите активности кои беа преземени и спроведени од негова страна за вклучување на граѓанското општество во сите фази од процесот, и тоа во подготовката, дисеминацијата, консултацијата и одлучувањето за предлог содржината на „Програмата за финансирање на програмските активности на здруженијата и фондациите за мерки за справување со КОВИД-19 кризата“ (натаму Програмата за финансирање), „Одлуката за критериумите и постапката за распределба на средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации од Буџетот на Република Северна Македонија за мерки за справување со КОВИД-19 кризата“ (натаму Одлуката за критериумите) и „Огласот за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19 кризата“ (натаму Огласот).

Советот оцени дека вонредната состојба во која се наоѓа земјата наметна куси рокови кои треба да бидат преседан и оттука ги смета за исклучително значајни зголемените напори кои беа дадени за подигање на нивото на транспарентноста на процесот во сите негови фази, од широка дисеминација на повикот до јавно објавување на бодувањето на секоја поединечна апликација. Со јавно објавената листа на бодување на предлог проектите и тоа на ниво на секој поединечен член на комисијата за евалуација поставен е нов стандард во настојувањата за подобрување на процесот на доделување на финансиската поддршка на граѓанските организации. Табеларниот приказ на резултатите од евалуацијата е достапен на следниот линк https://www.nvosorabotka.gov.mk/sites/default/files/Rang%20Lista%20na%20Komisijata.xls%20%20%281%29.pdf. Советот оцени дека искуствата добиени од ова доделување на средства за здруженија и фондации ќе биде предмет на подетална анализа со цел да се дадат насоки за натамошно унапредување на процесот. Членовите на Советот најавија дека во иднина во процесот на финансирање на здруженијата и фондациите треба да се работи во насока на дефинирање на соодветни рокови за аплицирање на повиците и прецизно доуредување на постапката и критериумите за избор на членовите на Комисијата за евалуација на апликациите.

Членовите на Советот на одржаната седница оценија дека големиот број доставени апликации (591), од кои 549 во предвидениот рок (до 11.6.2020 год. до 12:00 часот), ја потврдиле потребата на здруженијата и фондациите за финансиска поддршка во процесот на справување со проблемите кои настанаа во услови на пандемија.

На 21-та дописна седница на Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор одржана на 05.06.2020 год., по разгледување на Одлуката за критериумите („Службен весник на РСМ” бр.149/20) како и Програмата за финансирање („Службен весник на РСМ” бр.149/20), а по претходна консултација со широк круг граѓански организации кои членовите на Советот ги претставуваат, Советот за соработка со и развој на граѓанскиот сектор даде позитивно мислење. На истата седница Советот, со цел зголемување на транспарентноста и подобрување на квалитетот на процесот на распределба номинираше два негови членови од редот на граѓанските организации да учествуваат во Комисијата за распределба на средствата.

На 06.06.2020 год., Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија на веб-страниците: www.vlada.mk и www.nvosorabotka.gov.mk го објави Огласот. На седницата на Владата на Република Северна Македонија одржана на 10.6.2020 год. донесено е решение за именување претседател и членови на „Комисијата за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19 кризата“ (понатаму Комисијата), во чиј состав влегоа двајцата членови на Советот.

Сакаме да потсетиме дека Советот иницираше реакција која потоа беше поддржана од 73 граѓански организации, мрежи и платформи, со која на 21.04.2020 година се бараше од Владата средствата во износ од 30 милиони денари кои беа предвидени за поддршка на граѓанското општество во 2020 година, а кои со нетранспарентна одлука на Владата беа скратени на почетокот на април 2020 година, да се вратат во буџетот и да се стават на располагање на граѓанското општество за да може да им се помогне на граѓаните кои се најпогодени од кризата предизвикана од пандемијата на КОВИД-19. И кога тоа се случи, Советот ценеше дека е од исклучителна важност во услови на криза средствата да стигнат до граѓаните, особено до оние заедници на кои им се најпотребни и покрај свесноста дека вонредните услови налагаат и вонредни принципи на работа и куси рокови. Во овој контекст, сакаме да подвлечеме дека Огласот за распределба на средствата имаше примарна цел да ги поддржи и да им помогне на граѓаните во здравствен, економски и социјален ризик пред сѐ оние од ранливите и маргинализирани заедници и тоа преку организациите на граѓанското општество кои имаат соодветно знаење, капацитети и најдобар пристап до овие групи граѓани, нешто што институциите на системот не успеваат соодветно да го обезбедат. Инаку, заради информирање на граѓаните и јавноста, сакаме да потенцираме дека доделувањето на средства на граѓанските организации од Буџетот на Република Северна Македонија е редовен процес кој се спроведува секоја година и не е нешто ново односно сега утврдена политика за поддршка на граѓанскиот сектор.

Конечно, Советот се заблагодарува на двајцата членови кои и во толку куси рокови успеаја да ја завршат својата задача и да не дозволат здруженијата и фондациите, а со тоа и граѓаните, да ги изгубат овие средства. Ние недвосмислено стоиме на ставот дека поддршката на граѓанското општество е исклучително важна за целокупното општество и дека истата не смее да биде третирана како влијание врз независноста на секторот кој е трет општествен сектор покрај власта и бизнис секторот.

 

Back to top button
Close