Усвоен Ребалансот на Буџетот за 2025
Собранието денеска го усвои Предлогот за ребаланс на Буџетот за 2025 година, што претставува одраз на одговорно и флексибилно управување со јавните финансии во услови на динамични економски предизвици.
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, изрази благодарност до пратениците за конструктивната расправа, која уште еднаш покажа дека сите работиме во интерес на граѓаните и стабилноста на економијата.
„Ребалансот не е само техничка корекција, туку резултат на анализа на тековните економски движења и прилагодување на приоритетите“ кажа министерката.
Со усвојувањето на ребалансот се овозможува реалокација на средства меѓу буџетските корисници во согласност со актуелните приоритети, како и дополнително финансирање на проекти кои имаат забрзана динамика на реализација и носат значајни придобивки за развојот на земјата. Во оваа насока, се обезбедени дополнителни средства за области како што се животната средина, енергетиката, културата, образованието и здравството, со посебен акцент на набавка на инсулин и медицинска опрема.
Исто така, преку ребалансот се обезбедени и средства за зголемување на платите за вработените во Министерството за внатрешни работи, како и средства за исплата на зголемените пензии преку Фондот за ПИОМ. Министерката истакна дека економската проекција за раст останува на 3,7%, што се темели на досегашните остварувања и се очекува да биде поддржана од инвестициите, кои се главен двигател на економијата.