Усвоени измените за Законот за данок на личен доход, Бесими вели дека ќе се постигне забрзан и одржлив економски раст

Собранието ги усвои измените на Законот за данокот на личен доход со кој од 1 јануари 2023 година се продолжува со примена на рамниот данок од 10 проценти, односно се укинува прогресивното оданочување и се одложува даночењето на каматите на заштедите до влезот на државава во Европската унија. Законските измени што беа изгласани денеска, се дел од Концептот на даночна реформа, што го подготви Министерството за финансии, а кој треба да придонесе кон поголема праведност и поправична распределба на даночниот товар, со цел забрзан и одржлив економски раст.

„Целта на предложените измени и дополнувања на Законот за данокот на личен доход, кои денеска беа усвоени од Собранието, се дел од нашата определба да воспоставиме праведен, ефикасен, транспарентен и современ даночен систем, во функција на постигнување забрзан, инклузивен и одржлив економски раст“,вели министерот за финансии Фатмир Бесими.

Тој додава дека измените во ова законско решение се постигнати преку дијалог и инклузивен процес со сите засегнати страни што го спровело Министерството за финансии и оти целата реформа се темели на Стратегијата за реформа на даночниот систем и има поддршка од Меѓународните финансиски институции.

Со постојниот Закон беше предвидено од 1 јануари 2023 година да се примени прогресивно оданочување, кое претходно беше одложено за период од три години. Затоа и ја отворивме темата и врз основа на анализите и заедно со сите општествени чинители преку организираните дискусии дојдовме до ова решение, за укинување на постојниот модел. Во наредниот период ќе се изработи нов модел со кој ќе се постигне зацртаната цел“,потенцира министерот.

Од Министерството за финансии истакнуваат дека со прифатените измени се проширува даночната база, преку таргетирање на даночните ослободувања  и олеснувања во постојниот систем на данокот на личен доход, се обезбедува поголема праведност на даночниот систем и поправична распределба на даночниот товар по основ на данокот на личен доход помеѓу доходот од труд и доходот од  капитал, а се врши и допрецизирање на постојните одредби.

Во Собранието во наредниот период треба да се усвојат и измените и дополнувањата на Законот за ДДВ и Законот за Данокот на добивка, кои исто така се дел од Концептот на даночна реформа.

Back to top button
Close