Утешна победа на Каракачанов: Со освоени 216 гласа триумфираше во Македонија

И покрај тоа што не обезбеди влез во идниот состав на бугарскиот парламент, партијата на актуелниот министер за одбрана Красимир Каракачанов, ВМРО-БНД, убедливо победи во С Македонија, објави „360 Степени“.

Според целосно обработените податоци од Централната изборна комисија на Бугарија, во С Македонија гласале вкупно 510 избирачи. Од нив, вкупно 216 гласа на лица со бугарско државјанство се на контото на ВМРО-БНД. Тоа е повеќе од двојна победа над второпласираната ГЕРБ, партијата на актуелниот премиер Бојко Борисов, која ја добила довербата на 100 избирачи од С Македонија.

За разлика од одличниот изборен резултат во матичната држава, Слави Трифонов, од бугарските државјани што живеат во С Македонија книжи само 21 глас, а пред него е и партијата Демократска Бугарија, за која се определиле 51 гласач. Социјалистите и во С Македонија доживеаја дебакл и освоија само 15 гласа. Од останатите партии, единствено проруската АБВ има освоено над 10, односно добила вкупно 12 гласа.

Најголем одѕив имало во Скопје, каде што за тоа кој ќе ги претставува во Народното Собрание на Бугарија, на гласање излегле 147 лица со бугарско државјанство. Најмалку интерес имало во Битола. Таму гласале 69 лица.

По гласачки места, ВМРО-БНД однел победа во Охрид, Битола и во Штип. Во Скопје најголем број гласови освоила партијата на Борисов, додека во Струмица триумфот е за Демократска Бугарија.

Back to top button
Close