ЌУТИ, ТРАЈ

Во реалноста се покажува која држава држи до себе, а која е подлизурковска. МНР на Бугарија, без воопшто да ја чека истрагата зошто пред кафеана во Охрид бил истепан секретарот на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“, ја викна македонската амбасадорка Агнеза Руси да ѝ врачи нота „за злосторства од омраза против Бугарите“. А министерот Бујар Османи да не остане покусо, исто така, без да ја чека истрагата за кафеанската тепачка изјави дека „во оваа држава никој не смее да биде нападнат поради погледи, мислења, ставови, чувства или идентитет“.

Речиси во исто време додека Бујар бараше од институциите „да ги преземат сите мерки за одговорност на лицата кои што извршиле физички напад поради етнички, културен или било кој идентитет на наш граѓанин“, од билтените на МВР се разбра дека кај натепаниот Охриѓанец на 17 декември бил пронајден кокаин и против него е поднесена кривична пријава за дилање дрога.

Ова охридско момче натепано пред кафеана го бранат две држави. Ем бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков, ем македонскиот министер Бујар Османи. А бугарскиот претседател Румен Радев испраќа специјален авион да го транспортираат на лечење во Софија. Дилерскиот идентитет загарантиран – бетон.

Ова веќе станува опасно. Замисли кој било од оние над 100.000 Македонци со бугарски пасоши да настрада во кафеанска тепачка или, не дај боже, биде приведен од полиција осомничен за криминал. Одма станува жртва на „злосторство против Бугарите“. Досега, Македонците вадеа бугарски пасоши за да можат да студираат и работат во земјите на ЕУ со поволности на европски граѓани. Отсега, да си знаеме дека бугарскиот пасош им дава и имунитет за криминал.

Штом врховниот командант на Бугарија така лесно праќа авион за да евакуира повреден во кафеанска тепачка, утре така може и тенкови да испрати.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК МК

Back to top button
Close