Љутков ја „погребува“ културата, наместо заштита тој застана против културните работници, реагира Синдикатот

Синдикатот на културата на Република Македонија остро реагираше на постапките на министерот за култура Зоран Љутков, обвинувајќи го дека работи против интересите на вработените и Колективниот договор за култура.
Од Синдикатот оценуваат дека министерот води двојна политика – јавно го брани договорот, а во институциите, како што тврдат, работи на негово дискредитирање.
„На владината седница се доставени податоци, анализи и листи на предмети со една цел – да се прикаже Колективниот договор како незаконски и неуставен“, наведуваат од Синдикатот.
Тие посочуваат дека во расправата доминирале аргументи за можни буџетски импликации од судски постапки, наместо правни аргументи.
„Прашањето на уставност и законитост се темели на фискални проценки, а не на Уставот и законите“, реагираат од Синдикатот.
Во реакцијата се потенцира и дека ваквиот пристап претставува „прикриена цел“ за укинување на правата на културните работници, кои, како што велат, повеќе од три децении чекале на ваков договор.
Синдикатот го обвинува Љутков дека со своите постапки се обидува да избегне одговорност.
„Ова не е реформа, туку обид за бегање од одговорност. Неговите одлуки ќе останат запаметени како срамен преседан“, се наведува во реакцијата.
Воедно, тие предупредуваат дека конечниот збор ќе го има Уставниот суд, од кој очекуваат да ја потврди уставноста на договорот.
„Останува да видиме дали на 8 април Уставниот суд ќе постапи согласно своите надлежности или под притисок на финансиски импликации ќе ги врати вработените во културата назад“, порачуваат од Синдикатот.







