Љутков: Костадиновска-Стојчевска сторила премногу злоупотреби, не само со трошењето од службената картичка, туку и кај капиталните инвестиции
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков ја обвинува својата претходничка на функцијата Бисера Костадиновска-Стојчевска за злоупотреби, не само во делот на трошењето на народните пари и на службената картичка туку и за незаконски работења и во делот на капиталните инвестиции.
Љутков дел од информациите ги сподели денеска при посетата на НУБ „Свети Климент Охридски“, одговарајќи на новинарски прашања во врска со обвинувањата од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ кои изминатите денови се однесуваат на ексминистерката Костадиновска-Стојчевска.
Сепак, министерот Љутков најави дека ќе излезе на посебна прес-конференција на која рече дека ќе отвори многу работи од делот на нејзиното работење.
Тој рече дека откако дошол на функцијата министер за култура и туризам формирал повеќе работни групи во Министерството кои ќе треба да го информираат за тоа како се работело во изминатите 2,5 години и каква е состојбата.
„Како министер за култура и туризам кога стапувам на функцијата барам отчетност за тоа што се работело во претходните 2, 3 години. Јас побарав отчетоност за претходните 2,5 години додека била таа министер бидејќи преземам функција и сакам да знам каква е состојбата. Имам направено многу работни групи кои работат на многу процеси. Работните групи полека ги испитуваат сите случаи, како и тој со трошењето од службената картичка. Таму има извештај што е трошено и како е трошено. Со тие луѓе со кои соработувала министерката тие се потпишани на извештајот и се дел од работната група“,рече Љутков.
Љутков не знаеше дали од Антикорупциската комисија денеска имаат побарано некаква документација од Министерството, со оглед на тоа што вчера најавија дека ќе отворат предмет по допрен глас за да се утврдат наводите за злоупотреба на буџетски пари од страна на поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
„Денеска не знам дали се побарани документи бидејќи сум на терен, но секако нас ни стигаат информации по допрен глас, медиумите си бараат информации од јавен карактер и ние ги доставувале сите материјали. Така да тоа што е излезено понатаму ќе си оди по другите установи кои треба да си преземат соодветни мерки. Ова што го презентираше ВМРО-ДПМНЕ е само дел од информациите што ги имаме“,
одговори Љутков.
Антикорупциска отвори предмет за наводите дека поранешната министерка за култура трошела буџетски пари за лични потреби
Министерот Љутков, одговарајќи на новинарско прашање дали се предвидени покачувања на платите кај културните работници бидејќи претходната министерка велеше дека тие примаат плата врз основа на два колективни договори, продолжи со обвинувања кон Костадиновска-Стојчевска велејќи оти тие средства, кои се некаде околу 250 милиони денари, не биле предвидени.
„Дали биле сигурни дека нема да бидат повеќе власт па го креирале буџетот до јули или е тоа не знаење. Ние се соочивме со ваков проблем. Доаѓа ребалансот на буџетот нас ни фалат 248 милиони денари само за плати за до крајот на годината. Морав да обезбедам од владата дополнителни средства некаде околу 7-8 милиони денари за само да ги покриеме загубите. Наместо со тие 7-8 милиони до крајот на годината да сечевме лента на новиот турски театар“,
рече министерот.
Љутков додаде дека се работело недомаќински и не биле предвидувани средства.
„Немаат платено осигурување за националните установи и ред други работи што ми е непријатно да ги кажувам, во каква ситуација се оставени националните институции. Ниту една национална установа од културата не е осигурана и обезбедивме буџет во ребалансот да ги осигураме и веќе е во тек постапката за јавната набавка“,додаде тој.
ВМРО-ДПМНЕ од викендот почна со прес-конференции наречени „Бисера Антоанета“ на кои тврди дека поранешната министерка за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на службени патувања трошела буџетски средства за приватни цели.