Љутков: Универзална сала ќе биде готова до крајот на 2027 година
До крајот на 2027 година треба да биде завршена и пуштена во употреба Универзалната сала. До петок ќе биде распишан тендер за реконструкција на салата и градежните работи да почнат откако ќе заврши тендерската постапка односно кон крајот на септември.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков денеска соопшти дека пред две недели поднел информација на седница на Влада за постапките и дека се завршени сите процеси што биле наследени од претходно. Министерството за култура и туризам е инвеститор, но установата останува во сопственост на Град Скопје.
-До крајот на оваа недела ќе биде распишана јавна набавка, процесот трае севкупно 60 дена и потоа почнуваме со изградба на Универзална сала. Се надевам дека до крајот на септември ќе можеме да ги отвориме понудите и да почнеме со процесот на реконструкција. Во динамиката што ја имаме определено во буџетот, би требало да заврши до крајот на 2027 година. Одвоени се околу 20 милиони евра, распределени во три години, информираше Љутков.
Со тој план објектот ќе биде отворен за настаните што ќе се одржуваат во рамки на манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
На средба со новинарите Љутков кажа дека на седница на Влада ќе се одлучи за поддршката – во пари и со простор и ресурси од Министерството за култура и туризам во овој проект што го води Град Скопје и за кој е обврзан да инвестира 25 милиони евра.
Од своја страна, Министерството веќе помага со изградба на седум мултифункционални објекти низ главниот град што ќе овозможат просторни услови за настаните во 2028. Нагласи дека нивната изградба не е предвидена во програмата за проектот „Скопје 2028“ за кој Министерството е поддржувач, а Градот го води целиот процес.
Затоа што им е важно Скопје да не ја загуби добиената титула од Европската комисија, „притискале“, рече, во Град Скопје да се формира координативното тело за проектот кое досега имало неколку состаноци.
Ние доцниме две години, уште од старт динамиката не е добра. До јануари овој процес беше блокиран, искомуницирав со градоначалничката и го формиравме координативното тело, притискав постојано да побрзаме да се формира за да не ја загубиме титулата, иако тоа не е моја надлежност. Телото има 13 члена, 10 учествуваат од Град Скопје и тројца на предлог на Министерството за култура. Имаат неколку координативни состаноци, но не сме ние водичи на овој проект туку Град Скопје и затоа не би сакал да излегувам со информации за кои немам надлежност. Град Скопје треба да даде повеќе информации, рече министерот.
На средбата со новинарите Љутков додаде дека Град Скопје треба да даде 25 милиони евра, на кои се обврзал, но нема потпишан документ за сума што би требало да ја вложи и Министерството за култура во проектот.