Утре ќе се бира шеф на Скопското обвинителство, Бубевски во трката за втор мандат

На утрешната седница на Советот на јавните обвинители, членовите на Советот, треба да изберат шеф на скопското јавно обвинителство, бидејќи му истече мандатот на првиот човек на ова обвинителство, Гаврил Бубевски. Според објавената листа на кандидати, во трка се петмина обвинители, односно досегашниот шеф Бубевски, Тања Трајчевска, Анел Фидоски, Дејан Петрески и Спасенка Андонова.
За јавноста, најпрепознатлив е обвинителот Бубевски, кој беше дел и од Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Обвинителот, со искуство од 16 и пол години, важи за одличен правник, а за кој голем дел од колегите коментираат и дека се покажал како одличен менаџер.
Скопското обвинителство е најголемо во земјата, со најголем број на предмети и обвинители, а чии надлежности дополнително се зголемија додека раководеше Бубевски. Како резултат на измените на Кривичниот законик, значителен дел од предметите за злоупотреба на буџетски средства преминаа од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција во скопското обвинителство, со што се зголеми и обемот на работа. Во неговиот мандат со работа почна и Истражниот центар на ова обвинителство, со 13 истражители, а беше отворено и Одделение за сложен и сериозен криминал.
Скопското обвинителство може да се пофали и за голема транспарентност, бидејќи во периодот од 2022 до 2025 година важи за најтранспарентно обвинителство во државата.
Обвинителката Тања Трајчевска има 12 и пол годишно искуство. Таа го водеше предметот за убиството на ракометарот Денис Тот, а ја води и истрагата за смртта на диџејот Љупчо Лешко.
Анел Фидоски, со искуство од 11 години, како обвинител во скопското Обвинителство е познат по неколку случаи познати за јавноста, а меѓу нив е гонењето на обвинетите за убиството на Никола Сазодвски, член на групата „Комити“. Тој го наследи и долгогодишниот судски предмет „Тенковски делови“, во кој еден од обвинетите беше и експремиерот Владо Бучковски. По маратонското судење, на едно од рочиштата, обвинителот Фидоски се предомисли и го преквалификува делото пред самиот крај, со што случајот застари. Обвинителот ваквиот потег го оправда со фактот што Министерството за одбрана не пријавило значителна материјална штета. Обвинителот Фидоски го застапуваше и случајот со малата Тамара, кој исто така застари по преквалификација на кривичното дело во завршниот збор.
Обвинителот Дејан Петрески, меѓу пријавените кандидати, е со најмало искуство од 6 години. Тој е обвинител ангажиран на предмети поврзани со напади врз новинари, а го водеше и предметот за упадот во М-НАВ, во кој осомничен беше Беким Незири. Сепак најмногу претпознатлив е по предметот за пожарот во модуларната болница во Тетово.
Со најголемо искуство од 20 години е обвинителката Спасенка Андонова. Таа беше дел и од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција и го водеше предметот „Двојник“, поврзан со незаконско издавање пасоши на странски криминалци. Таа неодамна конкурираше за виш јавен обвинител, но не беше избрана.
Извор: fokus.mk






