Утрово -3 степени во Берово, на Попова Шапка 67 сантиметри снег

Утрово најстудено во државата е во Берово, каде што се измерени -3 степени Целзиусови, информираат од Управа за хидрометеоролошки работи.
Според податоците на УХМР во 08:30 часот, минималната температура изнесувала 0 степени во Скопје-Петровец, Крива Паланка, Битола, Струмица, Маврови Анови и на Попова Шапка. Еден степен е измерен во Штип, додека по 2 степени се регистрирани во Тетово, Охрид, Претор, Прилеп, Крушево, Велес и Куманово. Во Скопје-Зајчев Рид и Кавадарци температурата изнесувала 3 степени, а 4 степени се измерени во Виница, Демир Капија и Гевгелија.
Од УХМР информираат дека снежната покривка на Попова Шапка изнесува 67 сантиметри.
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне и кон крајот на денот ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец, а максималната температура ќе се движи од 12 до 17 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди и слаб променлив ветер. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд, а максималната температура ќе достигне до 16 степени.






