Утврден Предлог-законот за потрошувачи кој предвидува санкции за нечесни трговски практики

Владата на Република Северна Македонија на денешната редовна 54-та седница, ги разгледа и утврди Предлог-законот за заштита на потрошувачите по скратена постапка и Информацијата за потребата од изготвување на Закон за нефер трговски практики со цел заштита на правата на потрошувачите.

Со овие предложени закони, Република Северна Македонија ќе биде првата земја во регионот со востановена законска пракса на нефер трговски практики. Според предложените измени, согласно европските регулативи се обезбедува високо ниво на заштита на правата за потрошувачите и гаранција на полесни услови за деловно работење, и се избегнува  појава на нерамнотежа во преговарачката моќ помеѓу добавувачите и купувачите на земјоделски и прехранбени производи, соопшти владината прес-служба.

За повреда на потрошувачките права се предвидува право на надомест на штета, сразмерно намалување на цената и раскинување на договорот, а за трговците следат глоби во износ од 500 до 10.000 евра, во зависност од тоа дали се работи за микро или големи трговци, а во некои случаи се предвидува и забрана за вршење на дејност во траење од три месеци до две години.

Во Собранието ќе биде испратен и денеска усвоениот Предлог на закон за изменување на Законот за извршување на санкции, по скратена постапка. Предложените измени на Законот за извршување на санкциите, се однесуваат на  воспоставување еднаквост на вработените во затворската полиција со најниски примања преку воспоставување на ист износ на законска минимална плата, согласно Законот за изменување на Законот за минималната плата во Република Северна Македонија.

Back to top button
Close