Утврден законот што ќе овозможи враќање на незаконски изнесените икони во земјава


Владата го утврди предлог-законот за ратификација на Договорот за соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија за враќање незаконски изнесени икони во земјата на потекло, предложен од Министерството за надворешни работи и одлучи да го достави до Собранието на Република Северна Македонија.

„Со ратификацијата на Договорот, според образложението од Министерството за надворешни работи, исклучително вредното културно наследство, за кое претходно се договорија Северна Македонија и Албанија, ќе биде вратено во Република Северна Македонија. Ова ќе ги продлабочи и унапреди културните односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија и ќе ја манифестира сериозната посветеност на двете држави во ефективната заштита на културното наследство и имплементацијата на меѓународните конвенции од оваа област“,
информираат од прес-службата на Владата.

Во ноември минатата година на меѓувладината седница на Северна Македонија и Албанија, која се одржа во Скопје, двете земји, меѓу другите, го потпишаа и договорот за враќање на незаконски изнесените икони од земјава. Симболично, на земјава ѝ беше вратена една икона. Со договорот се отвора процесот за враќање и на други икони од Албанија што беа идентификувани неодамна.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска напомена дека овој процес има посакуван епилог благодарејќи ѝ на професионалноста во почитувањето на одредбите од Конвенцијата на УНЕСКО од 1970 година „за начинот на забрана и спречување нелегален транспорт, извоз и пренос на сопственост на културни добра“, чии потписнички сме и ние и Република Албанија.

Back to top button
Close