Јувентус подготви нов договор за Турчинот Јилдиз

Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус подготви нов договор за 20-годишниот турски крилен напаѓач Кенан Јилдиз, јавија денеска италијанските медиуми.

Турскиот интернационалец постигна гол и асистираше, а беше и најдобар играч во саботното дерби од 3. коло од Серија А, во кое Јувентус го победи Интер со 4-3.

Јилдиз мина низ фудбалската академија на минхенски Баерн, а во летото 2022 година, како 17-годишник, пристигна во младинскиот тим на Јувентус. Во втората половина од сезоната 2023/24, почна да добива значителни минути во првиот тим на Јувентус, а минатата сезона неговиот талент дојде до полн израз, постигнувајќи 12 голови и додавајќи девет асистенции.

Во летниот преоден рок, лондонски Челзи понуди 70 милиони евра отштета за турскиот напаѓач, но раководството на Јувентус категорично ја отфрли понудата. Неговиот договор е важечки до јуни 2029 година, а сега Јувентус му нуди нов договор, до јуни 2030 година, и поголема плата, во износ од пет милиони евра нето по сезона.

Јилдиз досега одигра 23 натпревари за турската репрезентација, постигнувајќи два гола, а додаде и четири асистенции

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close