ЊузГард“: Во Европа забележан раст на лажни вести кои ги имитираат традиционалните медиуми


Од почетокот на годината, посебно пред разни избори во Европа руски и проруски мрежи шират лажни вести, кои го имитираат изгледот и начинот на известување на традиционалните медиуми, објави организацијата „ЊузГард“ (NewsGuard).

Според американската организација европските медиуми се посебна мета, најверојатно поради поддршката на нивните земји за Украина.

Од 2022 година „ЊузГард“ идентификувала 906 лажни вести, кои биле претставени како да се објавени од легитимни медиуми, феномен што се зголемил во првата половина од 2026 година.

„ЊузГард“ наведува дека во Франција во текот на летото објавени се 85 лажни вести поврзани за претседателските избори, што треба да се одржат во 2027 година.

– Постои интензивирање на руските кампањи пред изборите. Во случајот со Франција, тоа почна девет месеци пред гласањето. Тоа е многу рано, се наведува во извештајот на „ЊузГард“.

Идентитетот на осум француски медиуми бил лажно претставен. Во периодот од март 2023 до септември 2026 година објавени се 82 лажни вести, прикажани како вести на „Евроњуз“ (Euronews), а потоа следат францускиот весник „Либерасион“ (Liberation) – 39 лажни вести, „Шарли Ебдо“ (Charlie Hebdo) – 35 и Агенцијата Франс прес (Agence France-Presse) – 20 лажни вести.

„ЊузГард“ наведува и дека британската радиодифузна корпорација Би-би-си (BBC), германски јавен радиодифузен сервис Дојче веле и бриселскиот портал Политико исто така биле мети.

Мрежите ги преземаат логоата и брендирањето, а понекогаш дури и создаваат веб-страници со адреси што ги имитираат медиумските куќи.

– Тие шират измислени наративи, лажни обвинувања за детска порнографија или заканувачки и навредливи изјави, меѓу другото, за да ја поткопаат довербата во легитимните медиумски куќи, се истакнува во соопштението на „ЊузГард“.

Според американската организација таквите операции се дело на проруските мрежи „Матрјочка“ и „Сторм-1516“. Нивниот подем е поттикнат од напредокот на генеративната вештачка интелигенција, што го олеснува креирањето убедливи лажни видеа и измислени статии.

„ЊузГард“ е меѓународна компанија која ја проценува веродостојноста и кредибилитетот на новинските и информативните веб-страници. Организацијата е формирана во 2018 година за борба против дезинформациите, лажните вести и пропагандата на интернет. „ЊузГард“ следи 561 веб-страници кои ширеле лажни информации за војната во Украина, вклучувајќи 62 веб-страници на француски јазик, и тврди дека идентификувала повеќе од 450 лажни тврдења поврзани со конфликтот.

Back to top button
Close