„Ужас“ – искоментирал Заев за снимката со закани дека ќе бил изрешетан ко куче
„Ужас“. Ова е краткиот коментар кој го доби Фокус од премиерот Зоран Заев, откако во јавноста беше објавена аудио снимка, во која се зборува за негова ликвидација. Поточно „А1он“ објави снимка од разговор прикачена на мрежата „Јутуб“ , а на која наводно се слуша разговор на двајца од осудените за „27 април“.
Не е разбирлив целиот разговор поради слабиот тон, но во дел од него зборуваат: „Заев ќе биде изрешетан ко куче“, „ќе му вратам последно да е“, „јас сум спремен да лежам доживотно“ „ако треба ќе умрам“.
„Фокус“ побара коментар од премиерот, кој во моментот е на пратенички прашања во Собранието, кој ни одговори дека не е во можност да коментира, додавајќи само „ужас“.
„Фокус“ побара одговор и од штипскиот затвор каде што се сместени двајцата осудени за случајот „27 април“, а чии гласови наводно се на снимката, за тоа кој и со што го снимал разговорот, од каде што ни ветија одговор откако ќе ја истражат случката.