Јужнокорејскиот суд го продолжи притворот на Јун Сук-jeол, демонстрантите упаднаа во судницата
Јужнокорејскиот суд му го продолжи притворот на соборениот претседател Јун Сук-Јол за 20 дена, што предизвика насилни протести на стотици негови гневни поддржувачи кои упаднаа во зградата на судот i ги искршија прозорците.
Во средата, Јун стана првиот актуелен јужнокорејски претседател кој беше уапсен, обвинет за бунт во врска со неговото прогласување воена состојба на 3 декември, што ја втурна земјата во политички превирања.
Набргу откако судот го одобри барањето на истражителите за продолжување на притворот на Јун, неговите поддржувачи го пробија кордонот полицајци за да влезат во судската зграда, а на телевизиските снимки се гледа како дел од нив уништуваат мебел и користат противпожарни апарати против полицајците кои се обидуваат да ги спречат.
Полицијата уапсила околу 40 демонстранти и неколку часа подоцна го воспоставила редот, соопштија органите за спроведување на законот.
По 5-часовното сослушување синоќа, на кое присуствуваше и Јун, Окружниот суд во Западен Сеул одлучи да го одобри барањето на истражителите поради „стравувањата дека осомничениот може да уништи докази“, се вели во соопштението на судот.
Според новата наредба, Јун може да биде притворен до 20 дена. Според јужнокорејските регулативи, осомничениот приведен по налог мора да помине лекарски преглед, да се фотографира и да носи затворска униформа. Се очекува лидерот да биде задржан во самица во притворен центар во Сеул.
Јужнокорејската служба за истраги за корупција на високо ниво соопшти дека ќе го истражи Јун во согласност со законот и процедурата.
Јун денеска ги повика луѓето мирно да го изразат своето мислење, дополнително ги повика органите на редот да покажат толеранција.
Адвокатот на Јун рече дека неговиот клиент бил шокиран и огорчен од насилните инциденти пред Западниот окружен суд во Сеул, каде што неговите следбеници кои учествуваа на протестот денеска упаднаа во зградата и ги искршија прозорците.