Вјоса Османи му честита на Талат Џафери за реизборот и го покани да го посети Косово
– Претседателката на Собранието на Косово Вјоса Османи му го честита на Талат Џафери повторниот избор на чело на Собранието на Република Северна Македонија, упатувајќи му воедно и покана наскоро да го посети Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во честитката, која ја објави службата за информирање на косовското Собрание, Османи изразува уверување дека во текот на новиот мандат на Џафери ќе се интензивира соработката меѓу двата законодавни дома, „со размена на парламентарните практики и искуства, како и со развој на парламентарната дипломатија“.
Османи го поздрави порастот на политичкото претставување на Албанците во Северна Македонија и ги нагласи традиционалните пријателски односи меѓу двете земји во сите области.
– Порастот на политичкото претставување на Албанците во Северна Македонија ќе придонесе за јакнење на демократијата, отворање на европската перспектива и јакнење на меѓуетничките односи, во функција на една стабилна и европски ориентирана Северна Македонија. Република Косово и Република Северна Македонија традиционално негуваат пријателски односи во сите области. Затоа, во блиска иднина очекувам ваша официјална посета на Република Косово, со цел да ја продолжиме билатералната соработка, како и да отвориме нови перспективи во интерес на двете соседни земји, се вели во честитката на Османи до Џафери.